Србија и Косово потпишаа договор за автопат, на Вучиќ не му беше лесно

Претседателите на Србија и на Косово сведочеа на потпишувањето договор за намера за обнова на железничкиот сообраќај меѓу двете земји и за завршување на автопатот меѓу Белград и Приштина.

На потпишувањето на договорот, што се случи на маргините на Минхенската конференција за безбедност, присуствуваа американскиот специјален претставник за преговорите меѓу Србија и Косово, амбасадорот Ричард Гренел, како и српскиот и косовскиот претседател Александар Вучиќ и Хашим Тачи.
Официјални американски извори соопштија во првичните реакции дека двата нови договора од двете страни претставуваат „историски напредок” во економскиот развој.
– Договоривме начин да се отворат железниците и автопатите, рече Гренел кој воедно е и американски амбасадор во Германија (го сметаат за тежок “булдожер” во политиката) по пот­пишувањето на договорот.
– Се обидувам да се фокусирам што е можно повеќе на економскиот развој, создавање работни места и морам да кажам дека и двајцата претседатели се согласуваат дека треба да тоа да биде во фокусот. Благодарен сум што успеавме да стигнеме до оваа точка, рече Гренел.
Овие договори се потпишуваат откако на 20 јануари беше потпишан договор за воспоставување воздушен сообраќај меѓу Белград и Приштина, по 21-годишен прекин, под покровителство на Гренел кој е американски специјален претставник на претседателот на САД, Доналд Трамп, за преговорите меѓу Србија и Косово.
Српскиот претседател Вучиќ рече дека преговорите со Приштина „не биле лесни”, велејќи оти потпишаниот договор е „од големо значење”.
– Потпишувањето на договорот покажува чекор напред и јас сметам дека ова ќе обезбеди подобра иднина и мир во наредните децении, рече Вучиќ. Според него, воспоставувањето железнички врски и автопат ќе биде од голема помош за Србите на Косово, но исто така и голема придобивка за Србија како целина.
Косовскиот претседател Тачи во врска со ова рече дека тоа е уште еден важен чекор, оценувајќи ги договорите како „голем чекор кон конечен мировен договор”.
– Веруваме дека е можно да се постигне конечен мировен договор меѓу Косово и Србија подоцна оваа година, рече Тачи, оценувајќи го денешниот договор за железници и автопатишта како “најдобра порака дека ќе има мир, економски развој и работни места во регионот, не само во Косово и Србија, туку и во целиот Западен Балкан”.
Двајцата претседатели им се заблагодарија на американската администрација и на американскиот амбасадор Ричард Гренел, за нивното посредување во постигнувањето на овие договори. Доцнењето на дијалогот меѓу Србија и Косово трае повеќе од една и пол година, а клучна причина беше воведување на 100% повисока царина за стоки од Србија (и БиХ), а тоа пак беше одмазда на владата во Приштина за кампањата на Србија да го повлече признавањето на независноста на Косово и да го спречи приемот на Косово во Интерпол и УНЕСКО.

Останати вести