Србија оформи адвокатски тим што е задолжен за подготовка на тужба против НАТО за материјалните и нематеријалните штети што алијансата ги предизвика во земјата за време на бомбардирањето во 1999 година.
Тимот вклучува едни од најдобрите адвокати од Србија, ЕУ, Русија, Kина и од Индија, а ќе биде предводен од истакнатиот српски адвокат Срѓан Алексиќ, пренесува „Спутник”.
– Ние сакаме да ги изведеме пред суд членките на НАТО кои учествуваа во агресијата против Југославија. Тоа се 20 држави кои директно или индиректно учествувале во неа. Тужбите ќе бидат директно назначени против секоја од овие држави – изјави Алексиќ за „Спутник”.
Според Алексиќ, адвокатите не планираат да тужат во Меѓународниот суд на правдата, туку во националните судови на секоја од 20-те држави.
– Сметаме дека нивните судови се надлежни зашто тие земји го прекршија пред се членот 7 од Повелбата на ОН, која забранува примен на агресија против која било земја. НАТО ги прекрши членовите 5 и 6 од својот статут зашто тој е одбранбен, а не напаѓачки сојуз. Прекршено е меѓународното право, пред се, конвенциите што забрануваат агресија и употреба на сила против суверена земја – вели Алексиќ.
Правниот тим треба да состави 20-ина предмети за кои постојат цврсти материјални докази поткрепени со медицинска документација која ќе укаже на причинската врска меѓу зголемениот број заболени од рак и користењето ураниумска муниција.
– На територијата на тогашна Југославија беа фрлени меѓу 10 и 15 тони ураниум. Бројот на заболени од карцином е алармантен. Од малигни болести во Србија секоја година заболува 2,5 отсто од населението, односно 33.000 луѓе. Од 1999 година до денес бројот на заболени од канцер се зголеми петпати. Населението масовно заболува, пред се на југот од Србија и на Kосово – истакнува Алексиќ.
Тој нагласува дека во текот на агресијата биле бомбардирани и т.н. хазард-објекти (објекти од хемиската и петрохемиската индустрија) кои според меѓународното воено право не смеат да бидат бомбардирани.
– Дека нашите тврдења се точни, говори фактот дека судот во Италија ја осуди државата зашто ги испратила своите војници на Kосово на локации што беа бомбардирани со осиромашен ураниум. Од канцер заболеле 45 војници и Италија плаќа големи отштети поради тоа: меѓу 200.000 и 1.200.000 евра за секој заболен војник. Токму на тоа се заснова нашето основно тврдење дека и војниците што учествувале во агресијата заболеле од канцер и дека нивните држави плаќаат отштета за тоа. Постои еден војник во Велика Британија кој бил во контакт со ураниумот во Србија и пресуда во која Британија се обврзува да му плати отштета – вели тој.
Со тужбата ќе бидат опфатени и последиците од користењето на касетните бомби како и бомбардирањето на хемиските и петрохемиските постројки поради што огромно количество нафта и бензин ги загадија земјата и воздухот.
– Само во Дунав се испуштени три тони жива, а 10 милиони жители се снабдуваат со вода од Дунав. Последиците од таа еколошка катастрофа веќе ги чувствуваме, а експертите велат дека во 2020 година се очекува најголем број заболени – вели српскиот адвокат.