Србија им врачи на амбасадорите на членките на ЕУ „нон пејпер” со четири барања поради тензиите во регионот и „легитимизацијата на проектот голема Албанија”, јавуваат српските медиуми.
Документот бил поделен на средбата на амбасадорите со министерката задолжена за европските интеграции Јадранка Јоксимовиќ и шефот на Канцеларијата за Косово и Метохија Марко Ѓуриќ.
Во документот се изнесуваат четири барања, а првото е релевантните меѓународни играчи да ја осудат агресивната реторика која го турка Западниот Балкан во нови судири и поделби.
Потоа се бара продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина, избалансирано мирно политичко решение за кризата во Македонија и уважување на меѓународните норми околу почитувањето на територијалниот интегритет и суверенитетот на меѓународно признатите држави.
Во документот, меѓу другото, се наведуваат и најекстремните изјави на албанските политички лидери од почетокот на годината.
Истиот документ, според Новости, Ѓуриќ оваа недела ќе му го врачи и на шефот на УНМИК на Косово, Захир Танин, со барање да му го проследи на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.
На средбата присуствувале амбасадорите на речиси сите членки на ЕУ во Србија, вклучувајќи ги и петте држави што не го признаваат Косово.
На српските аргументи за агресивниот настап на Албанците во регионот и потребата за поголем ангажман на Брисел, дипломатите на ЕУ одговарале дека сите страни треба да ги смират страстите и дека целта е мир и стабилност во регионот.