Иванов побара Австралија во билатералната комуникација да го користи уставното име на Македонија
Од особено значење би била одлуката на Австралија да пристапи кон употреба на уставното име на нашата држава во билатералната комуникација, рече претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на средбата со Алана Мек Тиернан, пратеничка во Долниот дом на Федералното собрание на Австралија.
На средбата, двајцата соговорници изразија задоволство од континуираниот и позитивен развој на билатералните односи, како и подготвеност за зајакнување на севкупната соработка меѓу Република Македонија и Австралија.
Претседателот Иванов оцени дека бројната македонска заедница која живее во Австралија претставува дополнителен импулс во развивањето и продлабочувањето на односите во сите сфери од заемен интерес.
Претседателот Иванов изрази благодарност за личниот ангажман на Мек Тиернан во однос на признаавањето на уставното име на Македонија како и за силната поддршка што ја дава на македонската заедница во Австралија и во градот Перт.
Македонскиот претседател ја поздрави меѓупарламентарната соработка и изрази подготвеност за интензивирање на политичкиот дијалог на највисоко ниво.
Во разговорите беше истакната потребата и интересот за унапредување на економската соработка и јакнење на трговската размена, за чија цел е потребно натамошно унапредување на правната рамка меѓу двете земји, соопштија од кабинетот на претседателот.