Македонската православна социјална служба на Нов Јужен Велс и членови на македонската заедница остварија средба со министерот за имиграција на Австралија Peter Dutton и пратеникот на федералниот парламент во Австралија David Coleman.
Министерот и пратеникот беа најпрво запознаени со активностите на Македонската православна социјална служба.
Дополнително се разговараше за проблемот со официјалното ословување на Република Македонија од страна на федералната влада. Министерот ги охрабри напорите за лобирање од македонската заедница и посочи на потребата да се продолжи со афирмирање на македонската страна пред федералната влада. Се дискутираше и за олеснување на визниот режим кон македонските граѓани кои ги посетуваат своите роднини во Австралија, како и за потребата за позабрзано процесирање на брачните визи. Посетата беше пријателска во која министерот и пратеникот David Coleman покажаа отворена поддршка кон македонската заедница во Австралија.
Владимир Стрезов