Мајката тврдеше дека ќерка и била силувана од таксист или барем дека така изгледало. Потврди дека нејзиниот пријател го нападнал таксистот. Обдукцијата покажа дека девојката не била силувана.
Мистерии го обвиткаа самоубиството на 20-годишната Стефани Брзанова од скопската населба Аеродром. Нејзината мајка Александра Каранфиловска тврди дека скокот во смрт од деветтиот кат на новоизградената зграда на улицата „Руди Чајавец” во четвртокот околу пладне се случил откако тинејџерката била силувана од таксист што ја превезувал дома. Но, од скопската полиција веднаш негираа дека кај нив било пријавено силување, но затоа, пак, добиле пријава оти 53-годишен таксист во четвртокот рано наутро бил претепан од 39-годишен скопјанец откако ја симнал Стефани пред нејзината зграда. Телото на девојчето беше предадено на обдукција, која дефинитивно утврди дека девојката не била силувана.
Младата Стефани требало на 9 април да замине на работа на брод во САД. Посакувала таму да продолжи да студира џез. Но од животот се збогува со откако нејзиното тело беше пронајдено струполено на плочникот пред деветтокатницата во која живеела. Таа скокнала од станот на нејзината баба, која живеела во соседниот влез.
„Удар не слушнавме. Излегов на балкон да запалам цигара и се стаписав кога пред влезот забележав мртво тело. Веќе беше дојдена полиција, телото беше покриено, забележав кавга меѓу еден од соседите и полицајците”, раскажува станар во зградата. Објектот е нов, становите станале вселиви пред два месеца, па станарите не се познаваат меѓу себе.
Стефани Брзанова студирала пеење. Била уметничка душа која сакала и да слика. Учествувала во неколку избори на таленти.
Мајката Александра внесе забуна во јавноста откако даде изјава за силувањето од страна на таксистот кој ја донел до зградата. Тврдеше дека пријавиле во полиција и оти се знае идентитетот на напаѓачот-таксист. Подоцна, откако и полицијата и обдукцијата ја демантираа, таа го смени исказот:
“Вечерта пред трагедијата Стефани била излезена со друштвото, пиела алкохол и со нив се разделила кај Железничката станица, каде што се качила во такси-возило. Околу 4 часот утрото ми се јави на мобилниот телефон и со исплашен глас ми рече: „Мамо, мамо, брзо дојди земи ме”, а таксистот од таму дофрлаше: „Kажи и за два часа ќе те вратам, за два”. Јас и мојот пријател веднаш истрчавме надвор и го видов такси-возилото. Потоа од него излезе ќерка ми и трчаше како избезумена. Алиштата и беа изместени, како да беа искинати. Таа бегаше и викаше. Таксистот тврдеше оти ништо не и сторил, но мојот пријател го истепа. Ако ништо не и сторил, зошто дури попладнето, откако се дозна за самоубиството на ќерка ми, таксистот пријавл го пријавил напаадот врз него во полиција?”, прашува мајката.
Александра понатаму раскажува дека ништо не навестувало оти ќе се случи нешто лошо.
“Дома ја смиривме и си легна да спие. Потоа, кога стана, беше расположена и рече дека ќе оди до кај баба си, мојата мајка, која живее во другиот влез. Најгоре на зградата има балкон на кој секогаш си седевме заедно и се одморавме. Од тој балкон мојата ќерка скокна во смрт” – тврди мајката додавајќи „за се е виновно музичкото училиште”.
Александра кажува дека нејзината ќерка три години се лечела од депресија.
“Цели три години ќерка ми се лечеше од депресија и анксиозност. Има една година како што беше излечена. Ќерка ми уште од малечка беше повлечена. Бидејќи беше многу музикална, ја запишав во средното музичко училиште, но таму доживеа психички малтретирања од професорите и соучениците. Една од професорките дури и кажа дека не знае да пее и да го оперира гласот или да да се отпише од училиштето. Постојано ме прашуваше зошто и го прават тоа. Поради овие малтретирања Стефани падна во депресија”, тврди мајката.
Починатата Стефани живеела со нејзината мајка, која е сопственик на спа-центар и со три години помала сестра. Само ден пред самоубиството, на нејзиниот профил на „Фејсбук” може да се забележи дека постирала фотографии од среќни моменти со најблиските.
ОЈО: Да не се шпекулира со непроверени наводи
„Во интерес на водење на предистражната постапка во овој предмет, потребно е во јавноста да не се изнесуваат непроверени наводи и шпекулации од која било страна. ОЈО Скопје ќе ги преземе сите други потребни истражни дејствија заради разјаснување на целиот настан, со цел утврдување на сите околности и обезбедување докази во кривичната постапка”, апелираат од Обвинителството.
И од такси-компанијата чијшто член беше обвинет (а социјалните мрежи беа немилосрдни кон него се додека не се дозна дека немало силување) најавуваат кривична пријава против мајката и нејзиниот пријател и ќе бараат обесштетување.
„Тој човек кај нас работи со години, станува збор за чесен работник и воопшто не се сомневавме дали е виновен. Му беше земен материјал за ДНК-анализа, која докажа дека е чист. Подготвуваме тужба против мајката на девојката, која со своите лажни тврдења нанесе штета на целиот еснаф”, велат во скопската такси-компанија.