Стеван Козмевски повторно е градоначалник на Витлси

Градоначалникот на општина Витлси, нашиот Стеван Козмевски

Стеван Козмевски стана нов градоначалник на северната мелбурншка општина Витлси, и до пред крајот на наредната 2016 година ќе биде на чело на локалната власт. Витлси е една од најбрзорастечките општини во Австралија, во која живеат над 194 илјади жители и располага со годишен буџет од повеќе од 220 милиони долари.

Според предвидувањата, Витлси, која опфаќа 6 мелбурншки населби и неколку приградски места, би требало да има 330 илјади жители до 2036 година.
Во изминативе години повеќепати имаше градоначалник од македонско потекло во општина Витлси. Козмевски беше градоначалник во 2012, а потоа во 2013 година беше нашата Мери Лалиос која својата градоначалничка функција на изборот му ја предаде на младиот Рики Киркхам.

Козмевски и Бил Саравиновски во Рокдејл се двата македонски претставника со највисока позиција во локалната власт. Во нивните општини постојат училишта каде се изучува македонскиот јазик, три културно уметнички друштва, две црковни општини и еден манастир.

Стеван Козмевски во Австралија се доселил со семејството во 1965 година, на 7-годишна возраст и долги години е општински советник. Да потсетиме, мандатот на Козмевски ќе трае до октомври следната година.

Останати вести