Претседателот на државата требаше прво да утврди кој може да обезбеди мнозинство во парламентот, а потоа да го даде мандатот за формирање влада, коментира стручната јавност
Отворено е и прашањето што ако Груевски не формира влада. Дали Иванов мандатот ќе го даде на лидерот на СДСМ Зоран Заев или актуелната влада ќе остане на функција и ќе има нови избори откако Собранието едноставно ќе се самораспушти? Во Уставот нема прецизно решение за оваа ситуација, поради што во јавноста веќе се јавуваат различни толкувања. Прашање е и колку парламентот во кој власта и опозицијата имаат речиси ист број пратеници може да биде функционален, особено што нема да може да се обезбеди двотретинско мнозинство.
– Претседателот Иванов требаше да го додели мандатот за формирање на Владата на партијата, односно коалицијата која може да обезбеди мнозинство во Собранието, а не на партијата која освоила најмногу пратенички мандати, коментира професорот по уставнно право во пензија Светомир Шкариќ. Според него, со тоа што Иванов го даде мандатот на Груевски го прекрши Уставот.
– Според Уставот претседателот пред да го додели мандатот треба да има информација кој може да обезбеди мнозинство, да направи консултации со парламентарните партии. Тоа е еден процес што претходи на доделувањето на мандатот. Или пак оној што ќе дојде кај него треба да му понуди цврсти аргументи дека може да формира влада. Ако нема мнозинство тогаш не треба да го добие мандатот, зашто е многу извесно дека доделениот мандат нема да биде успешен. Претседателот треба да има активна модераторска улога, а не да делува механички. Претседателот треба да ја цени и подобноста на кандидатот, како што сега беше случајот со Романија, каде не го доби претседателот на партијата туку друго лице – вели Шкариќ.
Во 1992 година, објаснува тој, кога падна експертската влада, мандатот му беше даден на Петар Гошев но тој не успеа да обезбеди мнозинство и го врати мандатот.
– Тоа е единствен случај на враќање на мандатот и тогаш тоа не требаше да се случи. Нашиот Устав не предвидува решение што ако не се формира влада. Ако мандатот се даде на вториот и ако и тој не успее, тогаш треба да се оди до крај, а на крајот ефектот ќе биде ист нема да има влада – вели Шкариќ.
Во уставите на некои држави, како Хрватска или Словенија, стои дека ако не се формира влада во два обида се распушта Собранието, бидејќи ако тоа не е способно да формира влада нема ниту легитимитет да владее.
– Кај нас пак функционира решение според кое последната влада останува додека не се избере нова влада, па затоа на партијата на власт и одговара ова решение. Проблем во ситуацијава е и тоа што не е конституирано Собранието, односно не е избран претседател. Ако има кој да ги притисне партиите и ако има некаква политичка волја да се обезбеди парламентарно мнозинство за да се избере претседател на Собранието тогаш ќе има кој да донесе решение за нови избори – вели Шкариќ.
Ние немаме партија која има доволен број мандати 61, за да може да состави влада, а немаме ниту коалиција која може да го исполни овој услов, па се оди на трето решение, се поканува претставникот на онаа партија која има освоено најголем број мандати, во конкретниов случај станува збор за ВМРО-ДПМНЕ, објаснува за “Плусинфо” професорот Осман Кадриу.
– Уставот не дава детални упатства што да се преземе понатаму ако не се формира влада. Но ако се навлезе во суштината на одредбите на Уставот и на практиката може да се каже дека произлегува можност да се направи и втор обид да се состави влада, со тоа што мандатот ќе се даде на втората партија според бројот на освоени мандати. Нашиот Устав не предвидува што ќе се случи ако и овој втор обиде за формирање влада не донесе решение. Други уставни системи имаат ригорозна одредба во која се вели дека ако и по вториот обид нема избор на влада тогаш се појавува владина криза, се распушта парламентот затоа што нема моќ да избере влада и потоа повторно се распишуваат избори – објаснува Кадриу.
Кај нас, смета тој, ќе треба парламентот, односно парламентарните партии, да одлучат како понатаму, дали ќе има концентрациона или експертска влада, која ќе треба да подготви нови избори.
– Сметам дека најдобро решение ако нема влада е да се избере експертска влада која ќе ја избере парламентот од еминентни професионалци. Но и тоа да се случи ќе треба да има повторно некаков политички договор. Важно е да се каже дека и да се избере влада таа ќе биде избрана со релативно мнозинство, а поради тоа што бројот на мандати на власта и на опозицијата ќе биде речиси изедначен ќе имаме парламент со мошне ограничена компетенција бидејќи за сите оние прашања за кои е потребно двотретинско мнозинство, тоа не ќе може да се обезбеди, што повторно води до нови избори – вели Кадриу.
И покрај ставовиве на експертите во политичките кругови се врти тезата дека Влада нема да може да направат ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту СДСМ па ќе оди со решение на широка влада во која ќе влезат сите партии кои освоиле пратенички мандати и оваа влада ќе треба да организира нови избори.