Деновиве сме сведоци на жестоки дебати околу тоа што е македонското културно наследство, каде се наоѓа и колку се грижиме за него.
Поводот доаѓа од антивладините демонстрации во Скопје, организирани од граѓанската асоцијација #Протестирам, при што секојдневно со боја, со јајца и со графити се нагрдуваат објектите од проектот “Скопје 2014”. Досега најмногу “настрада” Порта Македонија и градските власти веќе цела недела се откажаа од секојдневното санирање. Протестантите, кои самите се нарекуваат “Шарена револуција”, велат дека тоа што фрлаат балони со боја и што пишуваат графити со политичка порака е всушност “најцивилизирано однесување” во вакви услови!? Се напаѓаат само објектите од контроверзниот проект “Скопје 2014” а за нивното подоцнежно санирање ќе треба само стотина канти со поликолор.
Но, боењето чкртањето по фасадите на овие објекти од друга страна предизвика жестока реакција на дел од јавноста која со згрозеност го следи таквото, како што беше оценето, “вандалско и хулиганско однесување”. Се опоменуваат антивладините протестанти дека ги напаѓаат и сквернават објектите кои се од исклучително значење за македонското културно наследство.
Досега со балони со боја и со јајца беа нападнати следните објекти и споменици: Министерство за правда, Зградата на Владата, Порта Македонија, споменикот на Прометеј, Палата “Панко Брашнаров”, Министерство за култура.
Најмногу дебати предизвикаа жестоките реакции во одбрана на Порта Македонија, која официјално е со закон заштитен објект од културно-историско значење за државата. Се вели дека со фрлањето боја, јајца или со графитите се осквернавени спомените на значајните историски настани за Македонците – плочите со релјефи на партизани, на античка Македонија, на егејскиот егзодус… Се јавија и десетина спортисти кои посочија дека со вандализирањето на Портата се деградираат успесите кои се прославени со поминување под неа (4. место на ЕП во Кошарка, 5 место на ЕП во ракомет…).
Интересно е тоа што Порта Македонија е прогласена за заштитен објект од државно значење само поради тоа што е составен дел од Музејот на македонската национална борба (исто дел од “Скопје 2014”). Тој, пак, е прогласен за заштитен објект затоа што во него се чува збирка од историско значење.
Протестантите од “Шарената револуција”, пак, имаат сосема спротивно мислење за функцијата на нападнатите објекти. Тие тврдат дека се работи за стиропор-објекти кои допрва ќе добијат вистинско значење токму поради тоа што се обоени при ова историско движење. Во иднина ќе останат симболи на отпорот и слободарскиот дух на Македонецот кој го кренал гласот против диктатурата.
Штитејќи ја Портата ги изгубивме вистинските историски објекти

Актерката Сања Арсовска можеби најточно ја опишува дебатата околу нашето сфаќање на културно-историските споменици во земјата.
На нејзиниот Фејсбук профил таа постираше дека не може да ги сфати луѓето кои што деновие многу бурно реагирале поради мавањето со јајца врз Триумфалната капија и уништувањето на нејзината фасада, бидејќи според неа, Порта Македонија е објект кој што е на некој начин неосновано прогласено културно наследство, додека вистинското национално наследство веќе со години наназад се распаѓа и никој не превзема ништо за негова заштита.
“Народот треба повеќе да се загрижи околу запуштеноста на објектите од вистинско културно-историско значење, отколку да се прават спектакли за испишаниот графит “Грабеж” и јајцата кои што завршија на фасадата на Триумфалната капија. Како што гледам, капијата веќе се чисти, но што се случува со нашето вистинско културно богатство, на пример со манастирот “Свети Ѓорѓи” во Курбиново, Преспа? Оваа манастирска црква веќе десеттина години се распаѓа и жална е сликата која што може да се види таму. Црквата е изградена во 1191 година и фреските се едни од најубавите и најоригиналните од тој период. Ќе ја спомнам и конзервацијата на фрескописот на “Света Богородица Перивлепта” која што се врши со американски пари, додека кај нас дел од народот воспева скапи пластични играчки без естетска амбиција и уметничка вредност” – вели актерката, додавајќи дека нашите конзерватори и реставратори кои што лично ги познава, работат со голема посветеност во своите лаборатории, без соодветна здравствена заштита, во импровизирани услови, секојдневно во допир со штетни материи, за ниски плати.
“Кога работат тие луѓе, кон иконите стари 500 години се однесуваат како кон штотуку родено бебе. Јас знам дека Портата ќе биде исчистена, но сигурно дека нема да дојдат стручни лица да ја санираат штетата со третман кој што го заслужува едно културно богатство, туку ќе дојде средовечен чичко со канта бела боја и четка и ќе ја префарба фасадата. Зошто е тоа така? Бидејќи тука завршува нечие поимање за култура и уметност” – вели Арсовска.