Што ни е завештано од светите Кирил и Методиј?

Величината на светите Кирил и Методиј е во тоа што овозможиле писменост за еден народ распослан врз половина Европа. И во тоа што се избориле за природната рамноправност Книгата да може да се пишува и “пее” на словенски, наспроти дотогашната ексклузивност на грчкиот и на латинскиот.

Аргументот на свети Кирил пред папата е употреблив и актуелен и ден денес: “Зарем сонцето не свети за сите подеднакво; зарем дождот не паѓа за сите подеднакво? Тогаш зошто и Божјата реч да не може да се кажува на словенски, покрај на грчки и латински?”
Самостојноста во писменоста отсекогаш означувала и политичка самостојност.
Охриѓанецот Иљче Затаракоски деновиве сподели една мисла која доби популарност на социјалните мрежи: „Кирил и Методиј нè описменија за да можеме да ги прочитаме изборните програми на неписмените и да ги гласаме да нè владеат!” вели Иљче.
Јасно, кога во средината на 9 век византискиот службеник Константин добил царска задача и го составил писмото наречено “глаголица”, а заедно со неговиот замонашен брат Методиј потоа го превеле Светото писмо на јазикот на Словените, ни на сон не им паѓало колку различни словенски јазици (со нивните латинични и кирилични писма) ќе се развијат понатаму. Самиот факт што светите браќа го ползувале јазикот на Словените од околината на Солун (“… зашто вие сте солунјани, а сите солунјани беседат чисто словенски…” – “Панонски легенди”) и тој се покажало дека е сосема разбирлив за Словените во Моравија (денешна Словачка) зборува за универзалноста на нивниот потфат.
Јазикот на Словените во тоа време се одликувал со 7 падежа (номинатив, генитив, датив, акузатив, вокатив, инструментал и локатив) и бил “синтаксички”, какви што останале сите други словенски јазици кои ги задржале падежите (во словенечкиот, словачкиот, рускиот и белорускиот се губи само вокативот). Кај македонскиот и бугарскиот се губат падежите накаде од 15/16 век (всушност има само остатоци: пред се вокатив, но и датив) и стануваат “аналитички” јазици (падежните форми ги заменуваат со користење на предлози).

Молитвата “Оче наш“ напишана со глаголица и со кирилица е пример за тоа како зборувале нашите претци пред 10-11 века. Ниеден Македонец (ниту Бугарин - да бидеме на јасно) денес не зборува со тој јазик

Останати вести