Се уште трае и вештачењето на вториот мобилен телефон на Јанева, кој беше пронајден кај девојката на нејзиниот син, иако синот на обвинителката тврдел дека мобилниот апарат бил “изгубен во Белград”.
Во јавноста останаа дилемите што значи наредбата на Катица Јанева за форензичко бришење на податоци во компјутерите во СЈО. Обвинители оттаму велат дека постепено се отстрануваат дел од незаконски прислушуваните материјали кои институцијата ги доби, но тоа не го поврзуваат со случајот “Рекет”. Тие тврдат дека по преслушувањето на сто отсто од незаконски следените комуникации („бомбите”) кои му биле предадени на ова Обвинителство, тече процес на постепено отстранување на тие материјали, но само од персоналните компјутери на стручните соработници и истражители, кои повеќе немаат потреба да работат со нив, бидејќи сите материјали се предадени на обвинителите.
“Стручните соработници и истражителите ги анализираат аудио материјалите, ги одвојуваат приватните од службените разговори, и сите податоци поврзани со тие материјали ги внесуваат во ексел-табела (времетрање на разговори, соговорници, клучни зборови според кои материјалот повторно може да биде пребаруван итн). Исто така, тие одвојуваат и транскрибираат материјал кој може да укажува на кривично дело и за тоа доставуваат извештај до обвинителот. Кога нивната работа на одреден аудио – материјал целосно ќе заврши и извештајот ќе биде доставен, од безбедносни причини повеќе нема потреба тој материјал и натаму да биде во персоналните компјутери на истражителите и стручните соработници, па информатичарите го ‘катираат’ и го враќаат во базата”, објаснуваат обвинители од СЈО за “Дојче веле”.
За ваквото постапување од безбедносен аспект во работата со чувствителни материјали, информатичарите наводно биле и на обука во странство.
Сè се евидентира и архивира
На забелешкaта дека соработниците и истражителите уште во текот на работата може да ги преснимаат материјалите на мемориски стик, да ги изнесат и злоупотребат, истите соговорници тврдат дека тоа би бил ризичен потег.
„Според правилници за постапување со тие материјали, точно се знае кои лица имале пристап до нив. Тоа останува евидентирано и архивирано. И кога нема да постои СЈО во оваа форма, регулирано е колкав период ќе останат зачувани и архивирани тие податоци. Точно ќе се знае кој се имал пристап до нив. Бидејќи, на пример, има и предмети кои ги работат по двајца обвинители заедно со нивните тимови, па опсегот на лица кои имале достап до тие материјали е поголем. Сето тоа е повеќекратно евидентирано со име презиме и други податоци, и нема начин да се избрише. Така што сите учесници во процесот се свесни дека евентуалната злоупотреба носи одговорност”, објаснуваат обвинителите за “Дојче веле”.