Во книжарницата „Литература МК” беше промовирана монографијата „Маестро Александар Џамбазов – Живот низ сеќавања, афоризми, сентенции” од музиколозите Јулијана Папазова и Елени Новаковска.
На промоцијата, во преполната книжарница која не можеше да ги собере сите почитувачи на делото на македонски диригент и композитор Александар Џамбазов, беа присутни повеќе личности од уметничкиот и политичкиот живот. „Најголемиот предизвик во пишувањето на монографијата беше да се претстави
целокупното творештво на маестрото, а ние се потрудивме да го презентираме не само како диригент на МРТ, туку и да ја истакнеме неговата образовна дејност која ја имал со фестивалот ‘Златно славајче’. Воедно сакавме да го потенцираме и неговото значење за македонската забавна музика, затоа што маестро Џамбазов е еден од основачите на популарната музичка сцена во Македонија. Направивме анализа на неговото творештво, но не само на популарната, туку и на неговата детска, родољубива и симфониска музика”, рече музиколгот и една од авторките Елени Новаковска.

Возбуден од големата чест која му ја укажаа присутните на промоцијата и извинувајќи се што нема место сите да седнат, маестро Џамбазов ги насмеа сите раскажувајќи неколку анегдоти од неговиот личен и професионален живот, на тој начин правејќи еден спонтан и пријатен амбиент на настанот. „Што значи да си најстар композитор по години и по стаж!”, се пошегува Александар Џамбазов коментирајќи го големото присуство гости на промоцијата и воедно на присутните им порача „Да се гордеете со вашите деца како што јас се гордеам со моите Игор и Тања”.
Инаку, во монографијата се содржани биографијата, професионалните активности, како и творештвото на Александар Џамбазов, а поглавјата се поткрепени со извадоци од весници, архивски материјали (фотографии, партитури, лична архива), како и негови интервјуа и лични искази.
Александар Џамбазов е роден на 3 февруари 1936 година во селото Стапар, Војводина. Музичкото образование го оформил во Скопје (основно и средно музичко училиште) и во Белград, каде дипломирал на тамошната Музичка академија во 1960 година. Работниот век го поминал во Македонската радио-телевизија, најнапред како соработник во музичките редакции (1960-1964), а потоа како диригент на Танцовиот оркестар на чие место останува се до крајот на неговиот работен век. Од оваа позиција, неговото
име се врзува со втемелувањето на фестивалот на забавни мелодии „Скопје” и е основоположник на најпознатиот фестивал на детска песна во Македонија „Златно славејче”. Тој е добитник на многубројните признанија, меѓу кои се и највисоките државни („11 Октомври” за животно дело, „13 Ноември”) и други стручни награди.
Книгата е во издание на Центарот за музикологија, а е создадена по иницијатива на Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) во чест на 80-годишнината од раѓањето на Александар Џамбазов.
(“Утрински весник”)