Совршена глетка. Топло есенско попладне, лево полјани искосени под конец, а на нив сите бои на есента. Десно, исто така под конец наредени сиви камени блокови што некогаш биле седишта на древниот театар каде што стобјани гледале антички драми, веројатно и драматични гладијаторски игри.
На глетката се надоврзува лакот на гледалиштето на театарот, кој е во фаза на конзервација. Сосема напред, пред сцената легнати цилиндрични столбови и останатите архитектонски елементи, кои повторно ќе си го најдат старото место во театарскиот објект. Сосема зад театарот се наоѓа единствената покриена градба на локалитетот, монументалната епископска базилика и, до неа, раскошната крстилница.
Токму крстилницата е причината на посетата на градот каде што во 7, односно 6 век пред новата ера Пајоните формирале мала населба, која четири века подоцна, за време на владеењето на македонскиот крал Филип Петти, во 2 век пред Христа, прераснала во град. Тоа е еден од нашите културно-историски бисери – Стоби, кај Градско.
Школи за археологија, работилници за конзервација
Kако минувате по патеката, од страните забележувате големи керамички садови поставени на метални триношци, со пластични кеси внатре. На керамиката знак дека се всушност канти за отпадоци. Археолозите досетливо смислиле одличен амбиентален начин кантите за отпадоци да не ја нарушуваат сликата на локалитетот.
Несомнено, станува збор за еден од најуредените археолошки локалитети во земјава. Веројатно тоа е последица на одлуката пред седум години археолошкиот локалитет Стоби да прерасне во посебна национална институција, со раководство и вработени археолози кои располагаат со сопствен буџет. Веќе не можете да го начекате локалитетот обраснат, а таму постојано се случува нешто. По многу години се откопуваат нови површини, кои повеќе од два милениума биле под земја, беше откриен сосема нов објект – храмот на Изида. Од далеку се гледаат отворените површини, како шаховски полиња, низ кои археолозите ги проучуваат културните остатоци во земјата. Секоја година се одржуваат летни школи за археологија и работилници за конзервација во соработка со фондацијата „Балканско наследство” од Стара Загора, Бугарија.
Последна вест, поради која деновиве Стоби е повторно актуелен во јавноста, е вториот грант од амбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство од американската амбасада во РМ. Во 2010 година беа донирани 72.600 американски долари за конзервација на ранохрисијанските фрески од епископската базилика, најзначајниот христијански објект во Стоби, а годинава се издвоени 89.000 за конзервација на крстилницата од 4 век, која се наоѓа веднаш до базиликата.
Kрстилницата е откриена во 1971 година. Според археологот м-р Силвана Блажевска, директорка на Стоби, последен пат на мозаикот имало интервенција веројатно во осумдесетите години, кога била направена превентивна заштита. Откако била откриена, крстилницата била целосно истражена, па се вршела конзервација на ѕидовите, превентивна заштита на мозаикот, на писцината, но оттогаш немало други конзерваторски зафати.
Мозаикот ќе се конзервира камче по камче
Kрстилницата е еден од заштитните симболи на локалитетот. Таа е прилично голема, импозантна, интересна поради декоративните мотиви, вели Блажевска.
– Грантот е наменет за конзервација на мозаикот во крстилницата на епископската базилика. Kога ќе го кренеме мозаикот, ќе се вршат археолошки истражувања под него за да се проверат пораните фази. Веќе има индиции дека имало постара писцина, но треба да видиме како е таа поврзана со раната христијанска базилика. Потоа ќе се врати земјата назад, а во меѓувреме ќе си тече конзервацијата на мозаикот во лабораторија. Ќе се чистат и конзервираат мермерните архитектонски елементи – дванаесетте столба кои го држат балдахинот врз писцината. До крајот на следната година мозаикот ќе биде вратен назад, заедно со столбовите кои ќе бидат исправени, а на крај ќе го вратиме прекрасниот мермерен канатарос. Така крстилницата ќе стане една заокружена целина. Ѕидовите се веќе конзервирани. Сега ќе се насочиме кон мозиакот. Така ќе завршиме еден дел од епископската базилика – вели Блажевска.
На прашањето во какав состојба е мозаикот во моментов, таа вели дека кога се гледа одозгора, изгледа добро.
– Но, кога ќе се спуштите и ќе го разгледате во детали, има многу делови што се веќе сосема кренати, одвоени од подлогата, разнишани камчиња кои ќе мора да се вратат на место. Не знаеме во какава состојба е подлогата. Kога го чукате, чука како да е шупливо. Тоа значи дека веќе е време за вадење. Да не чекаме да дојде во фаза кога ќе биде проблем дури и да се извади – вели таа.
Kрстилницата има четирилистна форма запишана во квадрат и била покриена со купола. Подот во крстилницата е декориран со мозаици на кој се претставени пауни помеѓу кои има кантарос и елени меѓу кои има канатарос. Ова е илустрација на Давидовиот псалм 42.
(“Дневник”)
