Привршуваат активностите околу подготовката на пристапниот протокол за членство во НАТО, откако минатата недела Преспанскиот договор помина и во грчкиот парламент и експресно беше објавен во службениот весник на Грција.
Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столенберг потврди дека амбасадорите на земјите членки во Нион набрзо ќе го потпишат протоколот за македонското членство во организацијата. Можеби веќе на крајот од оваа или почетокот на следната седмица. Тој во писмото испратено до македонското МНР вели дека пристапниот договор е во подготовка, а на церемонијата на потпишувањето секако ќе биде поканет и министерот Никола Димитров.
– Со потпишувањето на пристапниот Протокол започнува следната фаза од пристапниот процес, по што следи ратификација на Протоколот во националните парламенти на земјите членки на Алијансата, се вели во писмото од Столтенберг.
Веднаш по потпишувањето на Протоколот Македонија ќе седне на масата заедно со сите други земји-членки. Тоа значи дека земјата ќе учествува како набљудувач во сите клучни формати на состаноците на Алијансата, но полноправна членка ќе стане само откако сите 29 парламенти ќе го ратификуваат пристапниот протокол. Оваа процедура за зачленувањето на Црна Гора во 2017 година, траеше околу една година, потсетува Столтенберг.
“Северна Македонија” станува официјално откако Грците ќе го ратификуваат Протоколот
– Штом се ратификува Протоколот во грчкиот парламент стапуваат во сила уставните измени и другите одредби од Преспанскиот договор, рече министерот Никола Димитров на трибината во МНР организирана од Инфо-центарот за евроатлантски интеграции во Скопје.
Тој истакна дека се надева оти министерката за одбрана Радмила Шекеринска ќе присуствува по првпат на состанок на министрите за одбрана на НАТО-земјите на 13 и 14 февруари во Брисел, а тој како министер за надворешни работи во април на Министерскиот состанок на НАТО во Вашингтон.
Шефот на литванската дипломатија Линкевичиус, кој беше на гости во Скопје, увери дека Литванија ќе биде меѓу првите земји што ќе го потпише Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО.
Поддршка и од Франција, која беше против нас во Букурешт 2008
Инаку, официјален Париз се приклучи кон ЕУ, НАТО, САД, Германија и мноштвото земји кои ја поздравија ратификацијата на Договорот од Преспа во македонскиот и грчкиот парламент. За францускиот претседател Макрон ова е храбар чекор кој ќе го отвори евро-атланскиот пат на нашата земја.
– Гласањето на Договорот од Преспа е пример за храброст и единство на Европа, напиша Макрон на Твитер.
Тој меѓу другото очекува овој договор да овозможи развој на односите меѓу двете земји во многу области и да ја зајакне стабилноста на регионот на Западен Балкан и на Европа како целина.