Во период кога јавноста е соочена со прашањето што и како понатаму со Законот за јазиците и може ли тој да стапи на сила без потпис од претседателот Ѓорге Иванов, првиот човек на Собранието, Талат Џафери, има свое толкување:
– Ги анализирам сите аспекти од процедурите, има време. Ако при првото гласање и поднесување на указот има рок од 7 дена, тоа подразбира ист рок – рече Џафери во интервју за „Ноќно студио” на Телма.
Џафери, веднаш по повторното изгласување, на 14 март вечерта го пратил законот на потпис кај Иванов. Според него тоа значи дека му дава рок на шефот на државата до 21 да го потпише указот за прогласување на Законот за јазици. Ако тоа не се случи, што е за очекување по изјавата на Иванов, Џафери не открива што следно.
Но, експерти по уставно право сметаат дека Џафери греши и дека Иванов има обврска да го потпише указот веднаш по доставувањето од спикерот или во првиот момент кога ќе биде во можност. 7-дневниот рок се однесува на периодот во кој претседателот треба да се изјасни по првото, а не по повторното усвојување на законот.
Наспроти ставовите дека Иванов е обврзан да го потпише указот, и покрај забелешките на процедурата за носење на законот, други експерти сметаат дека Уставот му остава простор на Иванов и да не го потпишува указот.
– Џебното вето значи дека законот за јазиците е мртво новороденче, не може да влезе во сила бидејќи не може да се објави во ‘Службен весник’. Ако нема указ, тогаш нема ни закон – вели во интервју за „Макфакс” докторот по правни науки и професор Димитар Апасиев.
Наспроти овие тези со кои се оправдува потегот на Иванов, професорот Светомир Шкариќ во книгата „Устав на Република Македонија – научно толкување”, објаснува дека таквото однесување на шефот на државата не може да се смета за уставно дозволено.
„Претседателите, честопати, правото на суспензивно вето го користеле противуставно. Така, на пример, претседателот Киро Глигоров не го потпиша указот за прогласување на Законот за кривична постапка, иако тој е донесен со двотретинско мнозинство гласови. Претседателот Борис Трајковски не го потпиша указот за прогласување на Законот за пратеници и по неговото повторно гласање со апсолутно мнозинство”, пишува Шкариќ во книгата.
Книгата на професорот Шкариќ е издадена во 2014 година, а нејзин рецензент е професорката Гордана Силјановска-Давкова.
Во некои држави кои имаат политички систем сличен со македонскиот, како Србија, ваквата ситуација е прецизно решена во Уставот – конкретната одредба вели дека во случај шефот на државата да не го потпише указот, тоа го прави претседателот на Парламентот на Србија.
Опцијата за објавување на Законот за јазици во Службен весник само со потпис од претседателот на Собранието веќе се дебатира во јавноста. Еден од авторите на Уставот на Република Македонија, Владо Поповски, не ја отфрла ваквата можност.
– Ако не е потпишан указот значи е блокирано донесувањето на законот и не може да биде прогласен на уставно-предвиден начин. Формално правно тоа би значело дека законот не е прогласен. Но ако се прогласи, како што се слуша, дека ќе се објави во Службен весник… – рече во дебатата на емисијата „360 Степени” Владо Поповски.
Веќе имало случај кога во отсуство на претседателот на државата собранискиот спикер ставил два потписа на указот за прогласување на закон. Во 1997 година Законот за употреба на знамињата е објавен во “Службен весник” со два потписа на тогашниот прв човек на Парламентот, Тито Петковски, кој се потпишал и во името на шефот на државата поради тоа што Киро Глигоров бил на службен пат.
Овој закон е даден пред УСтавен суд кој, решавајќи во 1998 година, го укинал указот со објаснување дека:
„Кога претседателот на државата се наоѓа на службен пат, значи дека тој е во функција на државата, односно дека не е спречен да ја извршува својата функција, поради што, во таков случај, претседателот на Собранието не е овластен да го заменува.”
Во контекст на актуелната дебата, вредно е да се спомене и решението на Уставниот суд од 2013 година, донесено по иницијатива за оспорување на уставноста на Законот за Собрание. Уставниот суд, по тој повод, заклучил:
„Указот е декларативен општ акт со кој Претседателот на Република ги прогласува законите. Указот е декларативен акт затоа што со него претседателот ја декларира (искажува) својата волја дека законот го прогласува или не го прогласува, без притоа да навлегува во легислативната сфера на Собранието на Република Македонија.”
Единствената опција за излез од ваквата ситуација, која нема да биде спротивна на уставните одредби, е потегот на Иванов веднаш да се постави пред Уставниот суд, сметаат експерти по уставно право. Посегањето по други чекори само би ја продолжило низата на противуставни постапувања и би донело до проблеми кои во овој момент може да не се видливи за политичките чинители.
(“360 Степени”)