ШТО ВЕЛАТ АДВОКАТИ И ПРОФЕСОРИ?
Откако јавноста слушна за првиот случај кој го покрена Специјалното јавно обвинителство, откако се дозна дека се работи за изборни измами во 2013 и оти е побарано определување на мерката притвор против 8 лица, се поставија и прашањата кое сега ќе бидат и своевиден тест за македонското судство.
Ќе се најдат ли судии (јунаци) во претходна постапка кои ќе определат притвор за највисоките функционери на владејачката партија? Досегашната пракса во македонскиот систем зборува дека притвор се определува во 90% од случаите кога обвинител тоа ќе го побара!? Во иста фаза на истражна постапка како што е “Титаник” пред јавноста беа прикажувани снимки од приведувањето пред судија на истражна постапка на осомничените во “Шпион”, “Змиско око”, “Фаланга”, Слободан Богоевски, Томислав Кежаровски, “Пајажина”… и за сите нив беше определуван притвор. И дали ќе судат судиите непристрасно и независно врз основа на реални докази а не според политички пресметки за “вредноста” на пресудите?
Порталот “Фактор” објави анкета со неколкумина адвокати и професори по право.
Професорот Осман Кадриу вели дека на избори не смеат да се кандидираат политичари кои имаат криминални досиеа и се инволвирани во масовни кршења на избирачките и човекови права и слободи.
„Можеше да се очекува дека Специјалното јавно обвинителство ќе оформи предмет и покрене процедура. Јанева и нејзиниот тим ја имаат јавно изнесената поддршка од странските амбасадори акредитирани во Македонија и не потклекна под притисоците на дел од партиската и медиумска хајка во Македонија.
Фактот што Специјалното јавно обвинителство говори за конкретни докази и усмени сведочења за противзаконски дејствија и во истовреме наведе конкретни имиња на високи владини функционери кои работеле спротивно на законот, укажува на сериозноста со која досега се работело. Сметам дека позитивно ќе биде прифатена активноста на Специјалното јавно обвинителство затоа што јавноста и граѓаните очекуваат навистина да се расветлат сите овие дeвијантни појави, криминали и корупција што се направени и кои доведоа до една политичката криза од која многу тешко излегува државата. За надминување на внатрешни проблеми потребно е целосно расветлување на детектираните незаконитости. Токму и затоа беше формирано Специјалното јавно обвинителство бидејќи се покажа дека постоечкото Обвинителство, на чело со Марко Зврлевски, но и судска власт беа инертни во гонењето на криминалот и корупцијата од причина што добар дел од нив и самите се инволвирани во овие девијации”, вели Кадриу.
Поранешниот јавен обвинител на Македонија Јован Трпеновски во својот првичен кометар вели дека првичниот настап на СЈО охрабрува, а сега треба да очекуваме што понатаму.
„Првичниот настап на СЈО охрабрува, особено со она кое го изнесе, а тоа се инкриминациите за сторени кривични дела, нормално запазувајќи ја презумпцијата на невиност, без да ги каже сторителите на делата. Двете обвинителки кои ги презентираа сомневањата покажаа врвна професионалност. Од анонимноста ќе излезат сега, а нивната вредност ќе се потврди во понатамошната работа”, вели Трпеновски.
Специјалното јавно обвинителство ја креира кривичната постапка со докази кои ќе претставуваат база. Сега прашање е дали судот ќе може да го следи со истата професионалност, како што тоа го направи Специјалното јавно обвнителство, смета Трпеновски.
„Судот постапува врз доставениот материјал, силината на материјалот, тежината на доказите кои ќе ги достави Специјалното јавно обвнителство, ќе мора да го натераат судот да размислува така како што диктираат доказите. Ако доказите утврдат дека е сторено кривично дело, судијата нема избор, мора да ги рспектира доказите и мора ги почитува законот. Судот ќе мора соодветно да реагира, а судската одлука мора да кореспондира со самите докази”, вели Трпеновски, кој не очекува дека ќе претстанат притисоците врз Специјалното јавно обвнителство, дури нема да се изненади ако се зголемат притисоците и врз судството.
Адвокатот Александар Тортевски во изјавата за “Фактор” пак вели дека и покај отпорот кој може да се јави на почетокот, судиите многу брзо ќе сфатат дека не смеат да ги штитат криминалците.
„Се надевам дека судиите ќе сфатат дека од исклучителна важност е доследно да ги применуваат законите без разлика кој е прекршителот и каква функција извршува. Потребна е професионална, независна и непристрасна истрага за да може да ја извлечеме земјата од длабоката криза во која се наоаѓа подолг временски период”, вели Тортевски.
Професорот Крсте Шајноски пак вели дека со акцијата „Титаник”, што ја поведе СЈО, се отвори долгоочекуваниот широк фронт за демократизација на општеството.
„Се почна со одлуки за расчистувањето на случаите за криминализација на изборите индицирани во прислушуваните материјали. Тоа е важно не само за да се санкционираат сите оние кои ги прекршиле уставот и законите во оваа сфера досега, туку и ,пред се,’ еднаш за секогаш да се разбере дека во земјата нема да се толерираат незаконити постапки и однесувања од било кого, најмалку од носителите на власта. Тие, впрочем, треба да се борат да ги оневозможуваат нерегуларните однесувања на поединци и групи, а не да бидат организатори кои, искористувајќи го своето реално влијание и службената положба, да создаваат групи кои имааат за цел да вршат кривични дела против изборите и гласањето заради натамошно опстојување на власт и остварување на привилегии од практикувањето на власта”, вели професорот Шајноски.
За адвокатот Звонко Давидовиќ со потегот што го презема СЈО и истрагата за изборни злоупотреби покажува дека има капацитет да се справи со криминалот без разлика на досегашната моќна заштита од партиско-политичките елити и носители на власта.
„Она што беше изнесено како аргументи од страна на Специјалното јавно обвинителство за нас како правници и адвокати ни дава за право да кажеме дека тимот на Катица Јанева темелно ги работеле сите доказни материјали што ги поседуваат. Првичниот мој впечаток е дека Специјалното јавно обвинителство професионално си ја сработило својата работа во овој дел од случајот „Титаник” , вели Давидовиќ.