Хуманитарната организација “Лекари без граници” соопшти дека околу 300 мигранти се повредени (од солзавец, од гумени куршуми или додека бегале) во инцидентите што се случија во неделата на границата со Македонија и дека испратила дополнителни тимови да им помогнат на мигрантите во кампот за бегалци Идомени.
Голема група на мигранти од околу 3,000 луѓе, кои повеќе од 2 месеца се стационирани кај Идомени, во три налета се обидоа да ја поминат границата и да влезат во Македонија, на што македонската полиција одговори со солзавец и шок-бомби.
Според новинарите присутни во Идомени, солзавец бил пуштан и во радиус од најмалку 200 метри во кампот, во шаторите каде што главно биле жени и деца.
„Азилантите фрлаа камења кон полицијата. Полицијата за возврат им пушти солзавец”, рекол анонимен македонски извор за Ројтерс. „Мигрантите ја туркаа и ја кинеа оградата, но не се пробија.
Грчките медиуми објавија дека немирите почнале откако биле пуштени летоци на арапски што ги повикувале бегалците во Идомени да се соберат на границата и да се обидат да ја преминат.
Бегалците држеа плакати „Отворете ги границите”, „Ни треба Европската Унија” и „Нема враќање” и извикуваа „Меркел! Меркел!”.
Пред протестот некои од нив рекоа „Денеска или ќе ја пробиеме оградата или ќе умреме”.
Грчките власти, откако не сторија многу за да ја смират ситуацијата, ја осудија „недискриминирачката” употреба на сила што ја користеле македонските полицајци.
МВР: Повредени 23 припадници на безбеднисните сили
МВР соопшти дека на 10 април, во обид на мигрантите да ја минат македонско-грчката граница кај Граничниот камен 59 се повредени вкупно 23 службеници (14 полицајци и 9 припадници на АРМ), оштетени се три возила на МВР и пет возила на АРМ како и повеќе полициски штитови и друга опрема. Нема повредени меѓу странски полициски службеници од Унгарија, Чешка, Србија, Словенија, Хрватска и Австрија кои учествувале во обезбедување на границата.
Од сите повредени на македонска страна, само еден полицаец е задржан во болница.
Во немирите, според проценката на МВР, учествувале околу 3.000 мигранти.
Од МВР соопштија дека состојбата, која ескалирала во неделата околу пладне, е смирена некаде по 18.30 часот.
Како што соопшти МВР, пред да почнат немирите на грчката страна од границата претставници на грчката полиција побарале средба на претставници на мигрантите и полицијата од македонска страна. Мигрантите се интересирале зошто државната граница е затворена и кога истата повторно ќе се отвори. Од страна на претставник на МВР одговорено е на прашањата по што мигрантите се повлекле во грчкиот камп.
Подоцна поголема група на мигранти, помеѓу 1000 и 2000 лица, започнала насилни протести на околу 100-200 метри десно од Граничниот камен 59, со извикување, фрлање на камења и разни предмети. Од страна на безбедносните сили е отпочнато со одбивање на мигрантите при што се употребени и хемиски средства – солзавец.
Група од 20 до 30 мигранти ја пробиле оградата и се обидела илегално да влезат на територијата на Република Македонија, но се спречени. Друга група мигранти, пак, според проценките меѓу од 500-1000 лица се обидела да направи пробивање на оградата лево од Граничниот камен 59, со каменување кон нашите безбедносни сили. Во 14.00 часот поголем дел од мигрантите се повлекле на околу 50-100 метри на грчка територија и состојбата делумно е ставена под контрола, со тоа што во тој период во функција биле ставени и водени топови.
Во 14.45 часот е добиена информација дека мигрантите подготвувале молотови коктели за да ги фрлат кон нашите безбедносни сили, при што е издадена наредба безбедноста да се подигне на највисоко ниво. Се до 18:00 часот група од околу стотина мигранти од грчка територија континуирано вршела каменување на македонските безбедносни службеници.
МВР соопшти дека судирите меѓу мигрантите и безбедносните сили повремено траеле до 18.30 часот кога сите групи на мигранти се повлекле во длабочина кон грчка територија, односно во кампот којшто е распослан непосредно до границата.
Пред немирите, во неделата претпладнето, три добро организирани групи бегалци се обиделе илегално да ја поминат македонско-грчката граница на три различни места на потегот од граничниот камен 59 кон селото Моин, потврди раководителот на ПТЦ Гевгелија, Зоран Лазаровски.

