Македонските монаси го сочувале черепот на свети Јован Владимир на Света Гора

Македонските монаси кои низ вековите престојувале во манастирот Зограф на Света Гора најверојатно го донеле и сочувале черепот на свети Јован Владимир, голем христијански светител, чиј живот е поврзан и со Македонија.

Сознанијата за тоа дека овој череп се чува токму во ова светилиште го добил македонско-црногорскиот истражувачки тим, кој ја подготвил монографијата за овој светител познат и по тоа што бил зет на цар Самуил, откако се развила голема љубов меѓу него царевата ќерка Kосара.
И досега постоеја непроверени информации дека черепот на светителот се чува во манастирот, базирани врз записот на познатиот велешанец Kонстантин Петкович од 19 век. Петкович, кој подоцна станал и руски конзул во Дубровник, кон средината на тој век го посетил манастирот токму за да ги потврди сознанијата дека реликвијата се чува во манастирските ризници. Но, тоа сознание не успеал да го провери.
Тој запис и подготвувањето на монографијата, која е издадена по повод 1.000-годишнината од подмолното убиство на Јован Владимир во Преспа, бил мотив авторите на делото да престојуваат во манастирот.
– Големиот култ што го ужива овој светител во Македонија, Црна Гора, Албанија, Бугарија, Србија… беше повод да отидеме на Света Гора. Таму бевме љубезно примени од управата на манастирот, а на третиот ден од посетата игуменот Амвросиј не прими и ја сослуша нашата желба да ја видиме главата на светителот ако ја имаат. Тој без двоумење ја прифати нашата желба и не одведе кај витрината во која се чуваат тие реликвии. Во четвртестата кутија прекриена со седеф, во нејзин централен дел, се чува голем дел од горниот дел од черепот. Бевме мошне возбудени оти тоа беше потврда на нашите дилеми, вели Мирољуб Орландиќ, повереник на “Матица црногорска” во Македонија.
Тој додава дека игуменот на овој бугарски православен манастир, веднаш им дозволил и да ја фотографираат кутијата во која имало уште мошти од четири други светители.
Приказната за врските на овој владетел на Дукља од 1000 до 1016 година со Македонија почнува во освојувањето на неговата земја од страна на македонскиот цар Самуил. Тој ја освоил Дукља во 1009 или 1010 година, по што го затворил кнез Владимир во затворот во Преспа, каде што му била престолнината на царството, во западна Македонија. Во затворот се случува и онаа позната средба меѓу дукљанскиот кнез и Kосара, ќерката на цар Самуил по која се раѓа големата љубов. Царот и дозволува на Kосара да се венча со заробениот кнез, по што го вратил на престолот во Дукља за да владее како неговиот вазал. Владимир бил познат како побожен, праведен и мирољубив владетел. Не се вклучил во големата војна меѓу Самуил и Византија која кулминира со битката на Беласица во 1014 година.
По смртта на Самуил неговиот внук Јован Владислав (син на Арон) ја презел власта врз царството, а во 1016 година наредил и да се убие кнезот Јован Владимир кога на измама е викнат да дојде во Преспа, по што му е отсечена главата пред една црква.
Сашо Цветковски, директор на Музејот во Струга, кој беше дел од истражувачкиот тим, вели дека другите мошти на овој голем светител се чуваат во повеќе земји.
– Дел од раката се чува во Македонија, во охридската црква „Света Богородица Геракомија”. Голем дел сега се во Тирана, Албанија и секоја година на 4 јуни, кога е негов празник, се носат во Елбасан. А сега се потврдува и приказната за черепот, наведува Цветковски.
Инаку, додава тој, се уште не е познато на кој начин черепот стасал на Света Гора. Тоа не знаеле да им го кажат ниту во манастирот.
– Треба да се верува дека моштите таму се донесени од страна на монасите кои потекнуваат од Македонија. Всушност, целата историја на ова големо светилиште е поврзана за македонските монаси. Него, во почетокот на десеттиот век, први почнале да го градат тројца браќа од Охрид – Арон, Мојсеј и Давид. Потоа, со текот на вековите во него постојано имало многу монаси кои доаѓале од Македонија, од Дебарско, од Малешевијата и други краишта, потенцира Цветковски.

(“Дневник”)

Амфилохие бара МПЦ да и даде на СПЦ дел од моштите на свети Јован Владимир

Дебарско-кичевскиот владика Тимотеј за “Дневник” потврдил дека српскиот митрополит Амфилохије, кој е надлежен за Црна Гора, побарал да му биде подарено мало парче од ова реликвија (дел од раката) што се чува во охриската црква “Света Богородица – Геракомија”. Тој побарал дел од моштите од раката на светителот кој бил зет на цар Самуил за да ја зголеми свеченоста по повод осветувањето на големата црква во овој црногорски град закажана за 25 септември. Освен до МПЦ, барање да му се додели дел од оваа вредна реликвија упатил и до манастирот Зограф на Света Гора, како и до Албанската православна црква, која чува делови од неговото тело во Тирана. Идејата му била на тој начин да се спојат сите делови од телото на светителот кон кој постои голем култ во Црна Гора, Србија, Македонија, Албанија, Грција и Бугарија.
– Тој ми се јави телефонски на 4 јули и ми ја објасни желбата. Идејата му е со делови од моштите од различни екстремитети да се обедини телото на светителот. Неговите мошти сега се наоѓаат во повеќе балкански земји. Јас му одговорив дека за тоа не одлучувам конкретно јас, туку треба да напише писмено барање до Синодот на МПЦ. Ми рече дека така и ќе направи. Kога ќе го добиеме писмото, за него и ќе одлучиме како Синод, изјавил владиката Тимотеј.
Македонскиот Синод ќе треба да се изјасни по барањето на владиката Амфилохије кој е на чело на српскиот црковен тим што треба да ги почне преговорите со МПЦ за признавањето на македонската автокефалност.

Останати вести