Украсување на манастирот “Св. Климент Охридски”

Mакедонската православна општина за Мелбурн и Викторија во неделата организираше доброволна работна акција во паркот “Македонија”, во Кинг Лејк.

На тој ден, покрај другите зацртани работни активности, главно се украсуваше дворот на македонскиот православен манастир “Св. Климент Охридски” каде што, според детаљниот план на отец Гаврил, се засадија декоративни дрвца, цвеќиња и други растенија. Тука ги сретнавме како работат од утринските часови нашата музичка ѕвезда Новица Василевски и комичарот Васко Тодоровски, познат по ликот на Тошо Малерот.
Плодот на оваа акција ќе се види во сета своја убавина во наредните неколку месеци кога ќе се покажат сите бои на новите цвеќиња и дрвја. Исто така и патеките кои се оградуваа со украсни камења, што во блиска иднина ќе бидат комплетирани со асфалтиран пат до влезот на црквата ќе не прави сите горди. За сите учесници следуваше богат и вкусен манастирски ручек. Дознаваме дека фалениот грав дента го правел нашиот Џорџ Влахов, познат во заедницата како претседател на Австралиско-македонскиот комитет за човечки права.
Заблагодарувајки им се на учесниците, претседателот на општината Мирчо Ангеловски порача оваа успешна акција да биде почеток на едно ново обединување на нашата заедница.
Управата на Македонската православна општина изрази голема благодарност до сите што дојдоа и зедоа учество во оваа работна акција за разубавување на манастирот. Особено до донаторите: Љубе Димоски за сите растенија што беа насадени, Кочо Филин за копањето на новиот пристап, Нане Божиновски (Џамбо) за работата и неговиот камион и бобкат.

Останати вести