Средата, 8-ми август, 2018-то лето Господово, црквата “Света Петка” од Рогдејл беше средиште на благодатна радост и на неизмерно духовно благолепие. Повод за овие собитија беше храмовата слава на оваа бела убавица, која се наоѓа во Рогдејл – срцето на најголемата македонска заедница во Сиднеј.
Светата Параскева – Петка е патрон на оваа црква, па токму затоа оваа година беа организирани низа случувања за достојно и долично прославување на храмовата слава.
Портите на храмот беа отворени уште во раните утрински часови. Како река верниците ги исполнија храмот и дворното место. Сите сакаа да бидат во храмот и да ја почуствуваат торжествената радост на пристигнувањето на моштите од светителот од македонски род, свети Гаврил епископот Велички, и да се поклонат на истите. Архимандритот Гаврил, кој пристигна од Мелбурн специјално по овој повод, а на покана на црковната управа, ги донесе моштите на свети Гаврил, кои ги пречекаа протоерејот ставрофор Ѓоргија Лапоски, протоереј Наум Деспотоски и парохискиот свештеник Владо Недески. Потоа сите заедно со многубројниот верен народ со процесија односно литија ги внесоа во храмот, по што најнапред свештенослужителите а потоа и верниците еден по друг ги целиваа моштите и му се поклонуваа на овој скоропрославен светител.
Потоа следуваше Божествената литургија на која учество зедоа свешенослужители на Австралиско – сиднејската епархија на МПЦ, возглавена од митрополитот Тимотеј како нејзин администратор: архимандритот Гаврил, протоерејот ставрофор Ѓоргија Лапоски, протоереј Наум Деспотоски и парохискиот свештеник Владо Недески. Храмот беше преполн и со верен народ и со Божествена благодат, која е невозможно да се опише со зборови, туку треба да се биде физички присутен за да може да се почуствува и да се сведочи за радоста на верниците и свештенослужителите.
На крајот на литургијата, парохискиот свештеник Владо Недески изнесе празнична беседа во која говореше за житието и подвизите на светата преподобна маченичка Параскева и значењето на овој празник за православниот народ. На крај, отец Владо им го честита празникот на присутните со желба Бог во секоја христијанска душа и во секое македонско семејство да подари многу мир, здравје и благосостојба. По завршувањето на литургијата и беседата, отец Владо ги повика присутните да се вклучат заеднички и молитвено во чинот на осветување на новото црковно ѕвоно. По осветувањето, о. Владо посака ова црковно ѕвоно да биде нов глас кој ќе го повикува нашиот православен македонски народ кон почести молитвени заедничарења и присуства во храмот, кон сплотување и верско и национално обединување.
За крај беа осветени празничните лебови и приноси од верните, а надвор во црковниот двор беше извршен и водосвет и беа благословени празничните лебови од кумовите.
Како и секоја година црковниот одбор подготви трпеза на љубовта на која беа поканети сите присутни. Црковната сала беше претесна да ги угости сите присутни, кои според слободни проценки беа преку 300 души, но затоа секој беше послужен со храна, дури и оние кои заради немање простор во салата мораа да ручаат во дворот на црквата. Меѓу присутните верници на ручекот беа и архимандрит Гаврил од Мелбурн, протоереј ставрофор Ѓоргија Лапоски, протоереј ставрофор Љупчо Двојаковски (Руска Православна Црква), протоереј Наум Деспотоски, свештеник Владо Недески, свештеник Игор Младеновски. Меѓу присутните почесни гости беше и г-ѓа Даниела Стан од Конзулатот на Р. Романија во Австралија.
Кире Циревски

