„Св. Софија“ е премала, на Охрид му треба концертна сала

Иницијатива по Досегашниот тек на “Охридско лето”
Комплетно нов простор за концерти, театарски претстави и за разни други културни настани му е потребен на градот Охрид, особено во летната сезона, кога се одржува фестивалот „Охридско лето” и кога има река туристи. 

Потребата од затворена концертна сала во Охрид е повеќе од неопходна, а доказ за тоа беше и неодамнешниот концерт на еден од најголемите светски пијанисти, Иво Погорелиќ, кој одржа два концерта во Охрид (едниот без надоместок), токму поради немањето доволен капацитет на седишта во црквата „Света Софија”. Овој храм е единствениот простор во кој се одржуваат камерни и солистички концерти, бидејќи е најсоодветен за концерти од ваков вид, но е со мал капацитет на седишта. И директорката на „Охридско лето”, Елизабета Јанкуловска, вели дека Охрид има потреба од концертна сала. Според неа, Охрид е град во кој секое место е сцена и некои настани можат да се реализираат на отворените сцени, но за некои е потребен затворен простор, односно класична концертна и театарска сцена. – Најголемите светски уметници што имаат посебни барања, особено во изборот на сцената, би можеле да ги носиме и преку целата година, но за тоа е потребно е Охрид да добие концертна сала. Со тоа ќе се отвори и можноста за поврзување настани и вклучување на Охрид во разни балкански турнеи што ги опфаќаат градовите од регионот, Белград и Софија на пример. Така на многу полесен начин би ги имале најголемите уметници и кај нас – вели Јанкуловска. Според неа, новиот објект треба да биде функционален и треба да биде предизвик и за локалната самоуправа. Јанкуловска вели дека градоначалникот веќе повел иницијатива за негова реализација, со која Охрид конечно ќе добие едно вакво импозантно дело.

Останати вести