Свадба од соништата во Охрид: Меган и Исак дојдоа со сто гости од Австралија за да се венчаат во Канео

Меган и Исак од Сиднеј, својата љубов решија да ја овековечат минатиот викенд со спектакуларна свадба во Охрид. Нивната љубовна приказна е мошне интересна, а одбележувањето беше како од бајките на локацијата која тие ја сметаат за рај на земјата.

 

За венчавката, која се одржа во црквата „Св. Јован Канео”, од Сиднеј допатуваа стотина гости. На црквената венчавка, невестата заедно со атрактивните деверуши пристигнаа со луксузен катамаран, пречекани од таткото на невестата.

Качувајќи се нагоре по патеката кон црквата, напред одеа три мали девојчиња и едно момче кои со фрлање ливчиња од рози го означуваа патот по кој таткото и невестата стигнаа до олтарот. Прекрасниот амбиент на црквата и спектакуларниот погледот кон езерото, ги надополнуваа прекрасните звуци на оркестар од виолини, кои изведуваа препознатливи мелодии.

По свечениот чин, гостите заминаа на крстосување по охридското крајбрежје и пристигнаа директно на местото на веселбата.

Младоженците заедно со деверушите и деверот пристигнале со катамаран на приемот, каде што ги пречекаа сите гости со громогласен аплауз. Ресторанот и плажата беа декорирани со аранжмани од свежо цвеќе и свеќи, како во холивудските свадби.

Невестата и младоженецот го одиграа првиот заеднички танц, следуваа говорите кои се неизбежен дел од интернационалните свадби. По танцот на невестата со нејзиниот татко, младоженците ја пресекоа невестинстата торта, декорирана со свежи рози.

Веселбата почна со традиционалните македонски ора, потоа гостите танцуваа на внимателно одбрана актуелна диско-музика и прекрасно се забавуваа. Се служеше вкусна храна и пенливи вина.

Забавата беше како од филмска сцена на плажата Потпеш под Канео, каде што беше изграден специјален подиум со цел гостите да танцуваат под ведро небо и да уживаат во неверојатниот поглед на осветлениот град и езерската вода.

Оваа бајка кулминираше со спектакуларен огномет на езерото, кој беше изненадување од Меган и Исак за нивните гости, во знак на благодарност што допатуваа од далечната Австралија за да бидат дел од овој посебен ден.

Веднаш по огнометот, следуваше настап на трубачи, кои ја надополнија веќе прекрасната атмосфера.

Исак е роден во Австралија и неговите родители се Македонци, додека Меган има хрватско-германско-литванско потекло. Тие случајно се запознале во ресторан во Сиднеј. Заради своето потекло, Исак уште од мал често доаѓал во Македонија и е воодушевен од природната убавина, а таа негова пасионираност и страст ја пренесе и на неговата избраничка. Велат дека одлуката да се венчаат во Македонија била заедничка, но, сепак, по првична иницијатива на Меган.

За нив ова е перфектна, егзотична дестинација, преубава природа, љубезни домаќини со големо срце, одлична кујна и дефинитивно најубавите вина.

Незаборавно за најубавиот чин во животот на еден човек, потенцираат младите Австралијанци и препорачуваат во иднина ваквите венчавки тука да бидат избор и на многу други парови ширум светот, презадоволни од беспрекорната организација на нивната свадба.

Останати вести