Објектот на Македонската филхармонија, кој на 21 мај се отвори со првиот свечен концерт, нема да биде готов уште најмалку половина година, тврдат вработените за порталот “СДК.мк”.
Според нив, комплетирана била изведбата само на деловите кои се гледале на свеченото отворање, додека во останатите делови сѐ уште се работи па затоа и не можел да се направи технички прием на објектот.
„Реално, не може да се направи технички прием затоа што конструкцијата не е уште завршена. Сега за сега се завршени само влезните скали, ходникот до главна сала и главната сала, чисто за да се појават Груевски и екипата и да кажат дека они го направиле. Инаку, објектот нема да биде во целост готов во наредните 7-8 месеци”, објаснуваат за порталот извори од Филхармонијата кои сакаат да останат анонимни бидејќи не се овластени да даваат информации за јавност.
За свеченото отворање беа во функција само два тоалета за гостите, два тоалета за музичарите и неколку гардероби. Објектот целиот не е во функција, на малата сала уште се работи, а за момент беа тргнати скелињата во меѓупросторите, појаснува порталот “СДК.мк”.
Во недовршената зграда се одржа првиот свечен концерт, со македонскиот пијанист со светска кариера Симон Трпчески и славниот диригент Владимир Ашкенази од Русија, а билетите се продаваа по цена од $ 60 до $ 75. Следниот концерт на Филхармонија е најавен веќе за 1 јуни со гостување на британскиот диригент Тимоти Редмонд, и ќе биде во новата концертна сала.
Министерството за транспорт и врски не сака да одговори на прашањата за техничкиот прием на Филхармонија. Ова Министерството, согласно Законот за градење, треба да формира комисија која ќе направи технички преглед на објектот и извештај за состојбата врз основа на кој треба да се издаде одобрение за употреба.
Молчи и Министерството за култура. Не одговара на прашањата дали побарале од Министерството за транспорт да изврши технички преглед на Филхармонијата, ниту пак одговара зошто објектот сѐ уште не е внесен во Катастар.
Тие што се овластени да зборуваат, упорно ги игнорираат прашањата зошто објектот беше пуштен во употреба без технички прием. Бидејќи нема технички прием, тој воопшто не е впишан ниту во Катастарот.
Парцелата на која е изградена Филхармонијата во Катастар се води како камењар, врз која право на сопственост има Република Македонија.
Новата концертна сала со неколку паузи се градеше осум години, од март, 2009, на површина од 12.400 квадратни метри на просторот помеѓу Македонската опера и балет (МОБ) и Факултетот за музичка уметност (ФМУ). Скандал се случи во 2013, кога банкротираше австриската градежна компанија „Алпине бау”, па карабината продолжи да ја гради скопската градежна фирма „Гранит” за 4,7 милиони евра. По неколкумесечна стагнација, Министерството за култура склучи договор со австриската фирма „Штрабаг АГ” за целосно внатрешно уредување на новата сала, вреден речиси 27 милиони евра.
Според датабазата на Призма за објектите на „Скопје 2014″, Филхармонија чини 39.9 милиони евра, а Никола Груевски, кој ден пред свеченото отворање ја посети зградата и доби плакета од директорката Маја Чаначевиќ, рече дека чини 37 милиони евра. На поставувањето на камен-темелникот во 2009, беше најавено дека Владата за проектот ќе потроши само 6 милиони евра.
Новиот објект е изграден според идејното решение на архитектот Виктор Михајлов и има две сали: голема, со 1.000 седишта и мала со 310 седишта. На акустиката работеше Јорг Кумел, еден од најпознатите акустичари во светот.
