Сведок во “Tврдина-Tаргет“: Грујевски ми бараше да му снимам цедиња со разговори на Заев, па дури и да го следам сопствениот син

Во Кривичниот суд продолжи судењето за „Тврдина-Таргет” за масовното нелегално прислушување со сведочењето на Марјан Јанкуловски, поранешен вработен во УБК.

Испрашуван од обвинителот Трајче Пеливанов, сведокот Јанкуловски кажа дека пристап до фолдерите со прислушуваните телефонски броеви имале обвинетите Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Надица Николиќ, кои со таа привилегија можеле да ги видат броевите, да ги прислушуваат разговорите и да ги читаат СМС-пораките.
Јанкуловски кажа дека на цедиња ги снимал прислушуваните разговори, од кои дел биле со судска наредба, а дел без. Цедињата со прислушувани разговори без судска наредба ги давал на обвинетата началничка Николиќ, а избеганиот екс-началник на Петтата управа Горан Грујевски еднаш му побарал да му сними цедиња со разговори од Зоран Заев.
„Ќе те дигнам во воздух”, ми се закани Грујевски
Сведокот Јанкуловски сведочеше дека началникот Грујевски му рекол дека броевите за прислушување ќе ги добива или од него или од началничката Надица Николиќ, која не била во неговиот оддел, односно не му била надредена.
Бидејќи се случувало да добие и „нарачки” од други шефови, се нашол во непријатна ситуација пред Горан Грујевски, кој му се заканил дека треба да ги прима само броевите од него и од Николиќ.
– Имав ставено број од надредениот Небојша Стајковиќ. Кога ме праша Грујевски кој ми го дал бројот му го посочив Стајковиќ. Тогаш ми се закани: ” Ќе те дигнам во воздух ако ставиш број кој не сум ти го дал јас или Николиќ”, се потсети сведокот.
Исто така во еден случај на маркирачот Јанкуловски му биле дадени 5 телефонски броја за следење. Меѓу нив бил и телефонот на неговиот син. Кога прашал зошто треба да го прислушкува телефонот на својот син, му био речено дека така наредил Грујевски бидејќи сопствениците на тие телефони се пријавиле за работа во МВР.
На наредното рочиште кое е закажано за 12 декември сведокот вкрстено ќе го испрашува одбраната, односно адвокатите и обвинетите меѓу кои е и екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков.
Во овој предмет за злоупотреби на системите за прислушување во УБК, но и за нивно уништување, покрај Мијалков, Грујевски и Николиќ, обвинети се и Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, Никола Бошковски, како и уште 5 нелегални прислушувачи од УБК. Со пасошот на едниот од нив, на обвинетиот Владимир Варелов, неговиот тогашен шеф Горан Грујевски избега во Грција.

Останати вести