Сведокот Ивановски: “Зијадин Села прво беше погоден со стап за знаме во главата“

Сведок на Oбвинителството за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села на 27 април лани, отпрвин не се сеќаваше што се случувало во негово присуство за време на нападот на Собранието.

На судењето сведокот Игор Ивановски беше викнат оти имал пет – шест видеоклипови и пет фотографии направени со неговиот мобилен телефон. Тој е братучед на еден од обвинетите.
Обвинителот Дарко Јакимовски побара и доби дозвола за вкрстени прашања, па полека почна да му ја освежува меморијата на сведокот.
Тој првин тврдеше дека последен пат на нозе го видел Села како се тетерави удрен со статив за знаме во главата и како паднал пред вратата на салата. Рече дека настанала турканица и ништо не видел. Кога по 1,5 минута отишол на околу 2 метра до паднатиот Села, тој веќе тешко повреден лежел на земјата.
Сведокот рече дека видел само нозе околу него, а не и лица. Не видел ни кој го извлекол тешко повредениот од салата, бидејќи пак се создала гужва. По ова рече дека продолжил да прави клипчиња со Зоран Заев и останатите повредени пратеници.
Обвинителот Јакимовски по ова побара и доби дозвола од судот да го потсети сведокот што сведочел во истрагата. Сведокот немаше одговор на прашањето на обвинителот зошто ги снимал насилствата во Собранието на 27 април и зошто бил таму?
Но потоа сведокот потврди дека во истрагата кажал оти видел човек во кожен елек како го потфатил полумртвиот Села и оти го препознал дека тоа е обвинетиот Александар Јаневски-Тошта. Потоа призна дека тоа и го снимил. Обвинителот го врати назад, па го потсети и дека го снимил и моментот кога Села се издвоил од ќошето со пратениците и се упатил кон вратата, по што се случил нападот. И тоа сведокот го призна во судница.
Дополнително се коригираше и дека видел околу 20-на лица како му скокнале и почнале да го удираат по главата, нозете, стомакот. Викале: „Убиј го Шиптарот! Убиј го кучето!” Но, слушнал и извици: „Оставете го. Готов е”.
„Рековте дека не сте чуле ништо?”, го праша обвинителот сведокот.
„Да, реков пред малку така и тоа е моја грешка”, рече сведокот.
Обвинителот го потсети и дека прикрил оти братучедот Сашо Сенков е на снимките. Сенков е еден од десеттемина обвинети за обид за убиство на Села, кои се во притвор.
Сведокот сепак остана на тврдењето дека може да потврди присуство тој ден на лица меѓу обвинетите во Собранието, но не и нивни активности, бидејќи цело време го снимал „телото на Села легнато во крв на земја, со стомакот и лицето свртени кон подот”.
Бидејќи се присети на тоа што го кажал всушност на истрагата, обвинителот побара како доказ да биде земен целиот негов исказ даден во истрагата.
Одбраната жестоко се спротивстави.
Судијката Славица Андреевска го одби предлогот на обвинителот и го закажа продолжението на судењето за 19 март.
На ред е сведочењето на жртвата Зијадин Села.

Села бара AU$ 784,000 отштета за претрпениот страв од тепањето во Собранието

Зијадин Села бара безмалку $ 784 илјади отштета за тепањето во Собранието лани на 27 април. Неговиот адвокат Абедин Абдули рече дека оштетениот Села бара 30 милиони денари отштета.
Адвокатот прецизираше дека во оваа сума се опфатени трошоците за лекување како и физичката болка, душевните повреди, претрпениот страв и болка и повредата на личниот идентитет. Според најавите на адвокатот Села ќе се појави на 19 март во судница.

Останати вести