Црквата Света Петка во Рогдејл блесна со нова светлина

Црковната општина Св. Петка од Рогдејл откако само делумно се ослободи од товарите на неправедно наметнатиот суд од страна на владиката Петар (20-ет годишно судско рочиште кое нема крај), во последните години покажува значителни резултати на секое поле.

Народот се врати во Црквата, се организираат повеќе значајни манифестации и се работи на збогатување и разубавување на црковниот храм и богослужбите. Црковната управа, заедно со парохискиот свештеник о. Владо Недески напорно работат за подобрување на црковниот живот на Македонците во оваа општина, со желба да се врати претходниот живот на самодоверба, меѓусебно разбирање, љубов и самопочитување во целата македонска заедница.
Деновиве пристигнаа новите икони од Македонија. Иконите се изработени во Македонската иконописна школа на манастирот Воведение на Пресвета Богородица – Елеуса во Струмичката Епархија. Овие икони се посебно значајни затоа што се зографисувани во стилот на Македонската иконописна школа од нашите средновековни манастири и цркви со природни материјали и позлатени со 24 каратно злато. Бидејќи материјалите со кои се сликани, за разлика од оние со вештачки хемиски состав, овие се природни и со време тие стануваат по цврсти и поживи и добиваат поголема вредност и убавина.
За оваа прилика специјално од Мелбурн допатува и Архимандритот Гаврил од манастирот Св. Климент Охридски од Кинглејк – во чие време додека тој ја вршеше улогата на парохиски свештеник во оваа Општина беа порачани иконите, под чија надзорност да се докомплетира и заврши работата до крај.
Голема благодарност на мајсторот Илија Ацевски и на луѓето од управата заедно со Претседателот Борис Димчевски и сите оние кои доброволно и несебично се вложија и сета работа ја завршија за само еден ден.
Посебна благодарност управата упатува до г-дин Крсте Ѓоргиевски, сопственик на компанијата “Марко Поло” – најголема увозна компанија од Македонија на прехрамбени, алкохолни и безалкохолни производи. Не само овие икони за иконостасот, преку “Марко Поло” бесплатно беа донесени: полилеот, иконостасот и столовите за храмот на Св. Петка.
Старите икони ќе бидат зачувани како дел од историјатот на овој свет храм и на македонската заедница во Сиднеј и Австралија воопшто.
Наскоро се предвидува отворање на галерија на икони, каде ќе бидат поместени претходните икони од иконостасот и сите стари реликвии кои ги поседува храмот и ако доста од нив се однесени од претходните свештенослужители.
Ве покануваме сите кои сте во можност да дојдете и да не посетите и да ги видите нашите нови прекрасни икони кои внесоа нова светлина во храмот и ги греат нашите срца на наша општа радост.

Кире Циревски

Останати вести