На локалитетот „Плаошник” над Охрид, на површина од 17 илјади метри квадратни се гради Светиклиментовиот универзитет, инвестиција од околу $ 46 милиона.
Со изградбата на Светиклиментовиот универзитет на Охрид ќе му се даде нова духовна и туристичка димензија. Проектот опфаќа библиотека, конгресен центар, македонски институт за хуманистички науки, музеј на Плаошник, манастирски конак и резиденцијален објект на Македонската православна црква.
Според проценките, до 2018 година ќе се реализираат градежните работи на фасадите на сите објекти, градежни и градежно-занаетчиски работи од втора фаза, како и водовод и канализација, електрични и машински инсталации, внатрешно уредување, изведување на партерно уредување на комплексот и поставување на споменик на св. Климент.
Оваа година се планира целосно да бидат завршени археолошките истражувања, при што пронајден е богат корпус на артефакти, а паралелно се врши и нивна конзервација. Во моментот течат градежните работи на фасадата на резиденцијата на МПЦ и на Богословскиот факултет, кој ќе се состои од три ламели.
Потоа остануваат уште проектите за партерно и енетериерно уредување кои ќе бидат изработени согласно автентичните археолошки традиции. По целосно завршување на изградбата на сите објекти од овој проект, археолошките артефакти ќе бидат изложени и презентирани на посетителите заедно со мозаиците.
Комплексот Светиклиментов универзитет е измислен како мултимедијален, високообразовен наставно-научен центар во кој ќе бидат смесени Светиклиментовата книжевна академија и Македонскиот институт за хуманистички науки со мисија да обезбедува контиунуирано проучување на цивилизациите, културите и религите кои постоеле на овие простори во минатото.
Истовремено се заврши и реконструкцијата на бедемот на Самоиловата тврдина, кој на источната страна се изгради речиси од темели.