Вработениот во “Дрисла”, кој живе во Австралија, а примал плата со месеци (како што напомна градоначалникот Шилегов) е кумашин на поранешниот јавен обвинител Љупчо Шврговски, објави порталот “24 Инфо”.
Според истиот извор, вработените во “Дрисла” биле револтирани од тоа што нивниот колега прима пари, а не е на работа, па по разрешување на претходниот директор веднаш се пожалиле на новиот директор, Коста Начевски. При ревизијата на сметководството било утврдено дека вработениот повеќе од три месеца не доаѓал на работа, а се водел дека е на годишен одмор. Тој сакал да се извлече така што планирал деновите од годишниот одмор за 2020 и за 2021 година да ги вкалкулира во времето кое престојувал во Австралија.
Tој се правдал дека не можел да се врати поради пожарите во Австралија, односно останал да помага во гасењето!? Веднаш добил отказ.
Како што објави “24 Инфо”, истото лице било поврзано индиректно со уште една “дубиоза” во работењето на „Дрисла”. Имено, негов кум е Љупчо Шврговски (поранешниот државен јавен обвинител), кој бил ангажиран како адвокат од претпријатието.
Шврговски добивал по 4.000 евра месечно, но со доаѓањето на новиот директор договорот бил раскинат.
Шилегов неодамна обелодени дека од ревизиијата било утврдено оти “Дрисла” секој месец плаќала по 10.000 евра за тројца адвокати, за кои пари за година и пол би можела да ја купи машината за сепарирање, која депонијата се уште ја нема, а чини 200.000 евра.