Тачи му се закани на Брисел: Ако продолжите, ќе се обединиме со Албанија, но и со југот на Србија

Доколку ЕУ продолжи со изолацијата на Косово, ќе биде разгледана можноста за институционални активности или референдум за обединување со Албанија, изјави косовскиот претседател Хашим Тачи.

– Тоа можеме да го направиме преку собраниски резолуции или преку референдуми на Косово и во Албанија, но вклучувајќи ги Прешево, Медвеѓа и Бујановац, кажа Тачи за телевизијата Дукаѓини.
– Ако ЕУ не сака да прифати две албански држави со две знамиња, нека прифатат само едно знаме, кажа Тачи.
Тој кажа дека идејата за исправање на историската неправда за обединување на Прешево, Бујановац и Медвеѓа со Косово никогаш не била поблиску од сега.
Како што кажа, однесувањето на ЕУ кон Косово покажува дека дошло времето сериозно да се разгледа преземање институционални чекори за национално обединување.
Изолација за Приштина е колебањето на Брисел да одобри визна либерализација за граѓаните на Косово и Метохија.

ВУЧИЌ ЗА ЗАКАНАТА НА ТАЧИ: Ќе реагираме решително

Претседателот на Србија Александар Вучиќ најави дека Србија ќе реагира на сериозен, одговорен и решителен начин ако дојде до референдум за обединување на Косово со Албанија.
На прашањето да ја искоментира изјавата на косовскиот претседател Хашим Тачи дека Приштина, ако ЕУ продолжи со „изолацијата”, ќе размисли за институционални мерки, како и за референдум за обединување со Албанија, Вучиќ кажа дека за тоа ја предупредил Европската Унија.
– Кога ги молев луѓето од ЕУ Приштина да не носи таква платформа која е против дијалогот, резолуциите на Советот за безбедност на ОН и декларацијата за Србите како геноциден народ, бидејќи го уништува дијалогот, од Брисел ми зборуваа дека тоа нема да се случи, дека тие тоа нема да го усвојат. Пред три дена им соопштив што кажа Тачи и тие ми го кажаа истото – дека тоа нема да се случи, кажа српскиот претседател.
Тој истакна дека Србија секако ќе реагира, ако тоа се случи.

Останати вести