ВМРО-ДПМНЕ најави дека Груевски, Мијалков, Јанкулоска… ќе сведочат тајно, а СДСМ ќе ги обзнани сведочењата кои не се класифицирани

Многумина кои ја следат работата на собраниската Анкетна комисија за при­слу­шувањата велат дека уште отсега се гледа оти работата ќе биде “труба”. 

Веќе утре (среда) пред собраниската Анкетната комисија за прислушувањата ќе биде сослушан првиот сведок, но засега е неизвесно кој ќе биде тоа од шесте што ги предложија СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ ги предложила Никола Груевски, Зоран Ставрески и Гордана Јанкулоска, додека СДСМ ги додал уште и Сашо Мијалков, Миле Јанакиески и Мартин Протуѓер. ДУИ и ДПА не предложиле сведоци.
Во Комисијата 8 членови се пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, 4 од СДСМ, 2 од ДУИ, 1 од ДПА и еден е независен пратеник (Роза Топузова Каревска). ВМРО-ДПМНЕ веќе најави дека ќе бара сведочењата да бидат затворени за јавноста.
Според членот на Комисијата, Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, овие сведочења би требало да бидат зад затворени врати, затоа што, како што рече, целта е да се утврдат фактите и вистината, а не да се прави театар.
Претседателот на Комисијата, Петре Шилегов, изрази жалење што седниците на кои што ќе се сослушуваат сведоците ќе бидат затворени, со оглед на тоа што се очекува дека ВМРО-ДПМНЕ тоа лесно ќе го изгласа бидејќи има половина од членовите, плус двајца од ДУИ.
– За жал, ВМРО-ДПМНЕ јавно соопшти дека сослушувањето на сведоците ќе побара да биде надвор од очите на јавноста, односно да се случува на затворена седница. За нас ова не е изненадување, кој има што да крие ќе сака тоа да го крие до крај. Членовите на комисијата од СДСМ ќе се потрудат информациите кои ќе бидат изнесени на комисијата а кои не се класифицирани да бидат соопштени и по целосен наш ризик. Очигледно дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера и не сака да биде спроведен Пржинскиот договор, а Анкетната комисија беше барање не само на СДСМ, туку и на меѓународните посредници, како и на целата јавност. Изборот е на Никола Груевски, изборот е на ВМРО-ДПМНЕ да се кријат во своите дупки, но ќе ги извади народот оттаму на 24 април. Не може да разбереме што е толку тајно и класифицирано во купувањето плацеви на Водно, во купувањето на 600.000 евра вреден мерцедес за да може децата да гледаат телевизија на седиштата и да имаат масажери, што има класифицирано во, се извинувам, тегнењето за уши на Циганите да гласаат кој е Индијанец во оваа држава. Овие луѓе не се ниту ВМРО-ДПМНЕ, туку само обична збирштина што се држи меѓу себе за да го сокрие криминалот – рече Шилегов.
Секој член на комисијата има право да повика до тројца сведоци. На сведокот има право да му постави по три прашања во траење од пет минути, а сведокот ќе има по пет минути да одговори на секое. Пратеникот, по прашањата има две минути да даде завршен заклучок. Сведоците покрај јавната покана добиле и писмени покани за да сведочат, а само треба да се изјаснат во кој период меѓу 9 и 15 декември им одговара да дадат изјава. Сведоците може и да решат да не одговорат на поканата, а како што рече Шилегов, на јавноста останува да суди зошто таа постапиле.
Според Деловникот, затворена седница на Анкетната комисија може да побара сведокот, како и таква одлука да донесе Комисијата кога ќе се изнесуваат класифицирани информации.
Во периодот од 7 декември до 22 јануари членовите на комисијата ќе ги посетат МВР, УБК, Специјалното обвинителство, Јавното обвинителство, Агенцијата за разузнавање и сите други институции и органи кои се поврзани со прислушувањето.
Членовите на Комисијата се договориле сите активности да ги завршат до 25 јануари, а најдоцна до 29 јануари да го подготват извештајот (и да се објави до 31 јануари) во кој треба да се утврдат околностите во кои се вршело прислушувањето, како и да се утврди политичката одговорност на оние кои биле вклучени во процесот.

Останати вести