Ансамблот за народни песни и ора „Танец” ќе биде гостин на концертот на светската атракција, односно на танцовиот музичко-сценски спектакл на светот “Lord of the dance” на славниот Мајкл Флетли.
Концертот ќе се одржи на 11 април во Скопје, во Вип-арената “Борис Трајковски”. Светското денс совршенство се враќа Скопје по 10 години пауза за да го промовира новото шоу “Опасни игри”.
Во составот на овој танцов ансамбл настапуваат дури 200 танчари, покрај огромниот број професионалци кои на шоуто се грижат за сценографијата, светлото, звукот, како и за вкупно 1.200 костуми кои ги користат танчарите. Најдоброто танчарско шоу на светот досега собори повеќе светски рекорди – Флетли во Гинисовата книга на рекорди е запишан како човекот со најбрзи нозе на светот, со незамисливи 35 удари во секунда; шоуто се изведуваше дури 21 пат во “Вембли” арената во Лондон. “Lord of the dance” важи за сценски спектакл кој ги има сите светски рекорди во продажбата на влезници, шоу кое за само 10 дена има продадено 250 илјади влезници на турнејата во Австралија.
Како и „гоподарите”, така и нашиот Танец веќе шест децении претставува уникатен симбол на македонската култура и уметност, настапувајки секаде низ светот. Националната установа за народни игри и песни ансамбл “Танец” е официјално формиран во мај 1949 година, а нивното прво претставување надвор од границите на Македонија, односно тогашна Југославија било 1950 година во Англија на “Интернационалниот фестивал” во Велс. На оваа манифестација членовите на Танец со изведбата на “Тешкото” ги освојуваат сите можни поени и ја добиваат највисоката награда, признание уште повеќе вредно и поради фактот дека ниеден ансамбл во целата историја на траење на фестивалот ги нема освоено сите можни поени од страна на жирито. Од самиот почеток па до денеска, за успехот на “Танец” говорат бројните добиени награди и признанија, а “Танец” има учествувано на над 5.500 концерти и подиуми во земјата и во светот, претставувајќи се пред околу 8 милиони гледачи.
