Mинатиов вторник Македонскиот национален ансамблот ТАНЕЦ и организаторот на турнејата во Австралија, ансамблот „Тоше”, вон предвидената агенда приредија специјална вечер за најголемите љубители и поддржувачи на македонскиот фолклор, културно-уметничките друштва во Мелбурн.
Вечерта имаше голем број на млади играорци од нашите локални културно уметнички друштва кои ја искористија можноста во живо да го видат легендарниот “Танец”. После неформалната дружба и сликање ансамблот на присутните им приреди дел од прикажаното на концертот минатава недела со кој уште еднаш го презентираа големото фолклорно богатство на Македонија. Обраќање на овој собир пред присутните одржа и лабуристичката пратеничка Натали Сулејман која ги пофали за чувањето на исконските вредности.
На крајот Мартин Вучиќ, директорот на Танец, им додели благодарници на раководителите, кореографите и доајените на македонските играорни друштва од Мелбурн, за нивните заслуги во негувањето на македонскиот фолклор во Австралија. Со тоа заврши гостувањето во Мелбурн и целиот ансамбл на Танец замина со автобус вечерта за да пристигне во раните утрински часови во Канбера за вториот концерт во Австралија.
