Во „Таргет“ осомничени 10 лица од УБК – незаконски прислушувале десетици илјади граѓани!

Јанева: Згазени се темелите на уставниот поредок
Дваесет и пет години по донесувањето на Уставот на Република Македонија (17 ноември 1991 година), темелите на уставниот поредок се уништени со следењето на повеќе илјади лица од 2008 до 20015 година, рече специјалната јавна обвинителка Катица Јанева на почетокот на прес-конференцијата на која беше обелоденета новата истрага, деветта по ред на СЈО, насловена „Таргет”.

Со три системи на УБК следени илјадници новинари, бизнисмени, политичари
Постои основано сомнение дека вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање, од најниски до највисоки позиции, со злоупотреба на службената положба и на системите за следење на оваа институција, во периодот од 2008 до крајот на 2015 година (преиодот што го опфаќа мандатот на СЈО) незаконски следеле најмалку 5.817 телефонски броеви, рече јавната обвинителка Фатиме Фетаи.
Таа ја презентираше истрагата со име „Таргет” во која се осомничени 10 лица. Предмет на истрагата е кој, на кој начин и со кои средства вршел незаконското следење на комуникациите, како и кои се мотивите за прискушувањата. Дел од осомничените и сега се вработени во УБК од највисоките раководни истраги до најниските ешалони. Се товарат за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
– Службените лица, искористувајќи ја службената положба, со злоупотреба на системите за следење, ги повредиле правата на прислушуваните граѓани. Следени се најмалку 4.236 телефонски броеви за кои не биле издадени судски наредби и најмалку 1.500 броеви пред добивање или по истекот на судската наредба. Следени се и броевите на сите лица што комуницирале со лицата што биле незаконски следени – рече Фетаи.
Фетаи појасни дека во периодот на прислушувањето од 2008 година до 2015 година, во употреба биле три системи за прислушување и во зависност од тоа кој систем бил во употреба, биле преземени различни дејства.
– Во 2008 година тројца од осомничените како лица на раководни позиции, давале налози за внесување и самите внесувале телефонски бореви кои не биле предмет на прислушување. И самите присуствувале на прислушувањето – рече Фетаи.
Со првиот систем за прислушување во периодот од 1.1. 2008 година до 1. 12. 2008 година, без судска наредба се следени најмалку 229 телефонски броеви и најмалку 21 телефонски број надвор од периодот одреден во судската наредба. Со вториот систем во период од 01.12.2008 до 20.01.2015 година без судска наредба била следена комуникација на најмалку 3646 телефонски броеви, и дополнително на 1268 телефонски броеви, надвор од периодот наведен во судските наредби. Преку третиот систем во период од 21.01.2015 до 31.12.2015 година без судска наредба била следена комуникацијата на најмалку 401 телефонски бројни дополнително на најмалку 252 телефонски броеви, надвор од периодот наведен во судските наредби.
СЈО нема да бара мерки за претпазливост против десетмината осомничени.
Судски ќе се бара од еден мобилен оператор да обезбеди податоци
Бројката од најмалку 5.817 прислушувани телефонски броеви е онаа која досега е утврдена. Голем дел од записите за следени броеви е уништен заедно со двата претходни системи за следење на комуникациите. Ова се бројките кои СЈО засега ги има утврдено. Недостигаат телефонските броеви кои биле прислушувани од еден домашен оператор кој не сакал да ги даде податоците за маркираните телефонски броеви кај него. Образложението било дека ги нема!?
– Поради тоа побаравме судска наредба за да ни бидат дадени тие податоци, појасни обвинителката Ленче Ристовска.
На прашањето дали е следена интернет комуникацијата, таа рече дека имаат некакви првични сознанија, но истрагата се уште е во тек.
Не бил прислушуван телефонот на Груевски
Обвинителката Ленче Ристоска посочи и дека меѓу прислушуваните новинари, политичари и бизнисмени го нема името на Никола Груевски.
– Според податоците со кои располагаме, а доаѓаат само од едниот македонски мобилен оператор (од вториот ќе се бараат со судска наредба, бидејќи тврдат дека ги немаат – н.з.) неговиот телефонски број не бил таргет, посочи Ристоска но кажа дека долго биле прислушувани од УБК сите политичари, вклучитечно и тие од власта. Гордана Јанкуловска била прислушувана 732 дена, Миле Јанакиески 732 дена на едниот број, 553 дена на вториот телефон, 816 денови на третиот телефон. Али Ахмети бил прислушуван 338 денови на едниот и 867 денови на вториот телефонски број. Муса Џафери бил следен 1856 денови, Имер Селмани 920 денови… Мендух Тачи и на двата телефонски броеви бил прислушуван по 1257 денови, а Љубе Бошкоски само на едниот телефонски број 320 дена. На сите им биле следени комуникациите без судска наредба, рече Ристоска.
Таа изнесе податок дека и бизнисменот и поранешен премиер Хари Костов бил прислушуван 732 дена. СЈО има податоци за бројни таргетирани телефонски броеви, но има голем број и за кои допрва треба да се утврди кој бил сопственикот.

Останати вести