Експертите направиле листа од група на храна за која луѓето најчесто имаат голема потреба и објасниле што значи тоа.
Исто така, во таквите ситуации првиот продукт што посакувате да го изедете обично нема долгорочно да ви го задоволи организмот, бидејќи тој, всушност, го сигнализира недостатокот од одреден минерал или витамин.
Еве што ни порачува телото:
Кога ви се јадат слатки, ви недостасува хром
Желбата по слатки укажува на пад на нивото на шеќер во крвта, а по консумацијата на слатки, шеќерот повторно расте и се ослободува инсулин. Меѓутоа, се работи за нагли осцилации во телото, бидејќи набрзо нивото повторно ќе падне и повторно ќе посакате да изедете нешто слатко. Значи, колку повеќе слатки јадете, телото ќе бара уште повеќе. За да го прекинете маѓепсаниот круг, експертите советуваат да земате хром кој е важен за нормалното функционирање на инсулин во телото и за нормален проток на шеќер во крвта.
Инаку, телото ќе има доволно хром ако вашата исхрана е богата со овошје, зеленчук, месо, риба и житарки. Особено е корисно да јадете брокула, мешунки и да пиете сок од грозје бидејќи е богато со овој минерал.
Кога ви се јаде чоколада, на телото му треба магнезиум
Експертите веруваат дека дури 80 отсто од луѓето имаат недостаток на магнезиум во телото, а тој е клучен за одржување на имунолошкиот систем и спречување на воспаленија. Исто така, тој игра важна улога и во балансирањето на нервниот систем, ублажување на нервозата и здравјето на коските. Продукти богати со магнезиум се темнозелен лиснат зеленчук, јаткасти плодови, риба, грав, житарки, авокадо, јогурт, банани и темна чоколада.
Кога ви се јаде нешто солено, ви недостасува натриум
Неописливата желба за солена храна и грицки, покажува дека на организмот му недостасува натриум кој е многу важен во одржување на нивото на вода во телото, а со тоа и на крвниот притисок. Но, наместо чипс, подобро е, на пример, да јадете целер, морков или солена риба.
Кога ви се јадат тестенини, ви треба триптофан
Тестенини, ориз, леб, компири, грав и слични продукти содржат триптофан – есенцијална амино киселина која помага во регулацијата и производството на серотонин, познат како хормон на среќа. Недостатокот на триптофан во телото води кон лошо расположение. Експертите советуваат тогаш да јадете мисирка, јајца, банани или ореви.
Кога ви се јаде месо, ви недостасува железо
Недостатокот од црвено месо во исхраната може да доведе до недостаток на железо во крвта, кое е одговорно за транспорт на кислород во телото и има голема улога во поддршката на имунолошкиот систем. Ако им недостасува железо, луѓето стануваат многу изморени и не им помага ниту доволно спиење. Експертите напоменуваат дека црвеното месо би требало да биде на менито барем еднаш неделно, но железо можете да добиете и ако јадете житарки, сардини, семки од тиква, брокула, спанаќ, грав итн.