Осум минути терор во Лондон

Напаѓачите им ги сечеле вратовите на минувачите, шестмина мртви
Вкупно осум минути траел теророт во центарот на Лондон, во терористичкиот напад во саботата вечерта при кој има шестмина загинати и 48 повредени, јави британската полиција.

Марк Ровлеј, задолжен за борба против тероризмот за „Ројтерс” изјави дека вооружените полицајци многу брзо реагирале и им се спротиставиле на тројцата воооружени мажи кои се убиени.
– За жал, шестмина лица загинаа покрај тројцата напаѓачи. На осомничените им се спротиставија полицајци кои ги убија осум минути откако го добивиме првиот повик – изјави Ровлеј.
Нападот почнал неколку минути по десет часот вечерта, кога напаѓачите со комбе почнале да газат пешаци на тротоарот на почетокот од Лондонскиот мост. Со возилото тие се забиле во оградата од мостот, оставајќи зад себе повеќемина прегазени пешаци. Веднаш после тоа излегле од возилото и почнале да ги напаѓаат луѓето што им се нашле на патот.
Извршители биле тројца мажи, вооружени со ножеви чии сечива биле долги околу 30 сантиметри. Мажите на себе имале и метални канистри, кои наликувале на појаси со експлозив, но се покажало дека се лажни.
– Влезе во пабот, крв ѝ бликаше од вратот и од устата, изгледаше како да и го исекле гркланот. Медицинска сестра која се најде во близина, веднаш се обиде да ѝ помогне. Набргу после тоа видовме човек со голем нож во рацете, се слушнаа истрели – ова е едно од сведоштвата на луѓето кои го преживеале нападот во саботата ноќта во Лондон, кој се случи во близина на Лондонскиот мост и Бороу маркет, место полно со пабови и ресторани, кои вообичаено се полни со гости.
Ножевите им ги забодувале претежно во лицата и вратовите на жртвите. Тројцата напаѓачи се упатиле кон бар на почетокот од Бороу маркет и почнале да ги напаѓаат луѓето кои биле пред барот. Обезбедувањето на локалот ги заклучило вратите, но напаѓачите почнале да ги кршат стаклата за да влезат внатре. За да се спасат, луѓето во барот почнале да фрлаат со шишиња и столчиња по еден од напаѓачите кој успеал да влезе во пабот.
Полицијата пристигнала после неполни пет минути од првиот повик и почнала да пука врз напаѓачите. Во рок од осум минути, теророт завршил. Но, во престрелката, еден од минувачите, кој се нашол во вкрстен оган, бил застрелан во глава. Во нападот бил повреден и полицаец, кому му бил забоден нож во лицето.

Останати вести