15-годишниот тинејџер од Велика Британија е осуден на доживотна робија поради планирање на напад на полицајци на една парада во Австралија.
Тинејџерот од Блекбурн, кој по ништо не се разликувал од своите врсници, со одлука на судот поради неговите години ќе остане анонимен, а BBC истакнува дека станува збор за „најмладиот осуден британски терорист”.
Како што било кажано на суд, момчето со само 14 години планирало „масакр и обезглавувања” во Австралија за време на парадата на „Anzac Day”, а поради тој план со тамошните џихадисти разменил илјадници мејлови и пораки.
Момчето е осудено на доживотна казна, а во затвор сигурно ќе помине пет години, после кои ќе може да биде ослободен доколку се процени дека е целосно безопасен.
„Застрашувачки е дека некој со само 14 години можел да биде толку радикален, дека некој толку млад планирал да изврши такви напади и уште да се надева дека ќе бидат смртоносни. За среќа, со интервенција на полицијата и во соработка со австралиските колеги, тие напади никогаш не се случија. Тој би бил среќен ако се случеше тоа и со задоволство би се согласил да стане озлогласен поради тоа”, рекол судијата при изрекувањето на казната.
Осудениот 15-годишник во јуни се изјаснил како виновен за поттикнување на тероризам, а пред да биде изведен од судницата ги прегрнал своите родители.
Момчето им се приклучило на радикалните џихадистички групи преку интернет групи за џихадисти, а од почетокот тоа го правел преку мобилен. Обвинителот во текот на судењето рекол дека тинејџерот со тоа сакал да ја потполни празнината во својот живот која настанала поради проблеми на училиште, но и дома.
Набрзо станал „познат” во џихадистичките кругови на интернет каде што се претставувал како возрасен. Бил опишан како „интелегентен” и „агресивен”, а на Твитер набрзо привлекол повеќе од 24 илјади следбеници.
Како што наведува BBC, него веднаш под закрила го зеле постари екстремисти, меѓу нив и еден од познатите џихадисти од Австралија, кои потоа го користеле за своите потреби.
Тинејџерот бил уапсен на 25 март, после реакција од неговото училиште поради „екстремно однесување”, но и симболичниот прекар кој му го дале соучениците – „терорист”.
Во куќата каде што живеел со родителите, меѓу другото, била пронајдена дрвена кутија на која со арапски букви било гравирано „исламска држава” во која ги чувал екстремистичките материјали и пораките. Како што рекле истражувачите, натписот бил испишан како да станува збор за некој музички идол, а не најозлогласената терористичка организација на светот.
Обвинителите истакнале дека момчето со младиот австралиски џихадист Севдет Бесим разменил преку три илјади криптирани пораки.
„Во една од пораките обвинетиот на Бесим му рекол дека има три опции за напад – со пиштол, со автомобил или со нож. Бесим одговорил дека најмногу би сакал нападот да го изврши со автомобил или со нож, а на тоа обвинетиот му рекол дека е подобро да купи мачета за на полицајците кои ќе ги прегази да им ја отсече главата”, рекол обвинителот, пренесува BBC.