Полицијата барала тројца терористи, пронашла само мобилки

Продолжува истрагата по јатаците во Дива населба

Во кумановското село Отља и во селото Арачиново македонската полицијата извршила претреси кај лица осомничени за извршување на кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста. 

Како што соопшти МВР, станува збор за три лица на возраст меѓу 35 и 41 година, од кои едно од село Брест, едно од село Отља, и едно лице од Куманово, за кои во текот на истрагата се обезбедени докази за нивна инволвираност во давање логистичка поддршка на криминално-терористичката група од Дива населба.
“За време на извршените претреси, лицата не се пронајдени и по нив сe уште се трага, а при претрес во домот во село Отља пронајдени се и одземени четири мобилни телефони, три сим-картички, како и држач за сим-картичка”, се вели во полициското соопштение.
Пронајдените и одземените предмети ќе бидат предадени на надлежен јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција. Потрагата по осомничените продолжува понатаму.
Ова е ново второ по ред проширување на истрагата за Дива населба.
За случувањата во кумановската Дива населба полицијата досега има уапсено над дваесетина лица. Меѓу нив се и команданти од поранешната УЧК, кои неколку недели го држеа Куманово на нишан и го тероризираа тамошното население.
Чекајќи ги надлежните да кажат што се случи во Куманово, граѓаните ги реновираат и градат уништените куќи. Градилиште е низ целата улица Тоде Мендол, која на 9 и 10 мај беше линија на фронтот.

Претреси и во куќи во Дива населба


Во потрага по помагачи на кумановската група осомничена за тероризам, полицијата влегла и во куќата на Скендер Азими, тврдат од ова кумановско семејство. Куќата беше најоштетена во инцидентите во мај, сега е при крај со градба, но празна. Под скелето, внатре во куќата е влезено насила, оштетени се неколку врати и ѕидови. Сопственикот дознал за акцијата од сосед и се вратил од работа за да види што станало.
Од полицијата не соопштуваат зошто и оваа куќа е претресувана. Велат извршени се претреси на три локации, но тројца осомничени за помагање на кумановската криминално-терористичка група не се откриени. Според информациите на телевизија Телма, меѓу осомничените е и кумановецот Риза Јунузи, тој е поранешен сопственик на оваа куќа, но неколку дена пред инцидентот во Куманово тој ја продал куќата на Азими. Во именикот на Телеком стои дека Риза Јунузи живее на друга адреса, во комплексот Гарнизон во Куманово. Полицајци не го барале во тој стан, тука во куќата во Дива населба кај неговите родители, како и на старата адреса на која сега живее друг човек и на чие име Скендер Азими стигнала и државната помош за штетата од борбите во мај. И покрај се полицијата вршела претреси и тука иако бараниот Риза веднаш по инцидентите даваше интервју од Швајцарија каде што заминал. Неговата улога во инцидентите не беше разјаснета, но според соопштението на МВР истрагата открила докази дека тој ја помагал групата на Ндрецај. За новиот сопственик на куќата не јасно е зошто се уште му доаѓаат полицајци да го бараат Риза.

Останати вести