Терористите што ги изведоа крвавите напади во Париз во ноември планирале напад на европска и веројатно белгиска нуклеарна централа, пренесува белгискиот весник „Дерниер ор”, повикувајќи се на „одлично запознат извор” и податоци од истрагата.
Весникот посочува дека по извршените претреси во Белгија поврзани со учеството на неколку белгиски државјани во нападите во француската престолнина, бил откриен сомнителен видеозапис со времетраење неколку часа, и на него се видел кадар од камера насочен кон влезот на живеалиште во Фландрија.
Откако ја направиле потребната проверка за да утврдат каде се наоѓа набљудуваната адреса, истражителите откриле дека станува збор за домот на директорот на белгиската Програма за истражување и развој во областа на нуклеарната енергија.
Од локалните камери во регионот е утврдено дека влезот на станот бил набљудуван со скриена камера со која било направено видеото. Во даден момент, скриената камера ја земаат двајца чиј идентитет не е официјално потврден, но се тврди дека тие се поврзани со терористичката група од Париз.
Засега останува нејасно дали скриената камера била поставена да снима пред или по нападите во француската престолнина. Непосредно по нападите, белгиските и француските власти дополнително ја зголемија безбедноста на своите нуклеарни централи. Неодамна во белгиските медиуми беше соопштено дека службеници на локалните атомски централи биле отпуштени откако беа осомничени за радикализација. Kако резултат беа воведени дополнителни проверки при вработувањето во атомските централи.
Вонредната состојба во Франција продолжена за 3 месеци
Францускиот парламент со мнозинство гласови одобри да се продолжи за три месеци вонредната состојба во земјата која беше воведена по терористичките напади во Париз на 13. ноември 2015 година, иако одредени организации за човекови права сметаат дека ваквата одлука ги подрива основните слободи. Министерот за внатрешни работи на Франција, Бернар Kазнев, изјави дека заканата од нов терористички напад и понатаму е многу висока, по нападот на екстремистите од ИД. Вонредната состојба, која ќе биде на сила до 26. мај, овозможува полицијата да има широки овластувања во спроведување на апсења и претрес, како и властите да го ограничат движењето на луѓе и возила на одредено време и место.