Бриселските бомбаши-самоубијци Калид и Ибрахим Ел Бакруи планирале напади врз белгиски нуклеарни централи, објави весникот Дерниер ер.
Весникот ексклузивно објави дека апсењето на напаѓачот од Париз Салах Абдеслам ги забрзало плановите на терористите.
Браќата поставиле скриена камера пред куќата на директорот на белгиската нуклеарна истражувачка програма, вели весникот.
Доказите до кои дошле властите покажуваат дека истата терористичка ќелија стои зад нападите во Париз во ноември, во кои загинаа повеќе од 130 луѓе, и во овонеделните бомбашки напади во Брисел, во кои загинаа 31 лице, а беа повредени повеќе од 270, пишува весникот. Снимката со „десетици часови” од движењето на шефот на белгиската нуклеарна програма била запленета за време на антитерористичка рација во станот на друг осомничен што ѝ припаѓа на истата терористичка ќелија, Мохамед Бакали.
Според информации од инспекторите, до кои дошол Дерниер ер, браќата Ел Бакруи се осомничени дека ги поставиле камерите и го следеле движењето на шефот на нуклеарната програма.
По извршената анализа на видеото, истражителите заклучиле дека целта на терористите била да се „загрози националната безбедност како никогаш досега”, пишува ДЕ.
Кратко време по фаталните напади во Брисел бил евакуиран персоналот од две нуклеарни централи во Белгија, во Дул и во Тианж. ДЕ објави и дека на двете локации во последно време биле видени војници.
Во февруари Дерниер ер објави дека терористичката ќелија што стои зад нападите во ноември во Париз е заинтересирана за движењето на шефот на нуклеарната програма на Белгија.