Терористот кој во Нов Зеланд уби 50 луѓе во напади во две џамии планирал и трет напад. Како што јавува Си-ен-ен, терористот во продолжението на крвавиот поход го сопре полицијата.
„Спасени се животи”, изјави полицискиот шеф Мајк Буш. Првите погреби на жртвите беа одржани вчера. Погребени беа 44-годишниот Халед Мустафа и неговиот 15-годишен син Хамза. Од листата на жртвите која беше објавена во неделата се гледа дека жртвите имале од 3 до 77 години.
Терористот крвавиот поход го почна со пушки, две полуавтоматски и две сачмарки. За сето оружје имал валидна дозвола која ја добил во 2017. Беше уапсен набрзо по нападите.
„Тој е терорист. Тој е криминалец. Тој е екстремист. Но, никогаш нема да слушнете да го изговорам неговото име.
И сите вас ве молам да ги кажувате имињата на оние што ги изгубивме, а не името на оној кој ни ги зема. Можеби бараше да биде познат и озлогласен, но ние на Нов Зеланд нема да му дадеме ништо од тоа. Дури ни неговото име.
Ќе ја преиспитаме и улогата на социјалните мрежи во овој случај и чекорите кои можеме да ги преземеме, вклучувајќи ги и оние на меѓународно ниво, заедно со нашите партнери”, кажа во својот говор во националниот парламент новозеландската премеирка Џасинда Ардерн.
Mу се закануваат на напаѓачот од Нов Зеланд
Брентон Тарант кој уби 50 луѓе во нападот на две џамии на Нов Зеланд е главна мета на разни банди во затвор, објави „The New Zealand Herald”.
Напаѓачот од Крајстчрч го предупредиле дека во затвор не му се пишува добро, а еден новозеландски безбедносен експерт изјавил дека „Тарант станал главна мета” после масакрот. Член на една банда изјавил за споменатиот медиум дека „тие имаат пријатели внатре”, што јасно укажува на закана.
„Заканите треба да се сфатат многу сериозно”, изјави криминологот Грег Њуболд кој самиот поминал одредено време во затвор. Тој открива дека во затвори има луѓе на кои што не им се допаѓа тоа што го направил Тарант.
За себе си напаѓачот кажал дека е расист.
Најголемиот дел од затворениците не се од бела раса. На Јужниот остров постоеле заедници со бели расисти, но доколку Тарант биде осуден за масакрот, тој ќе добие доживотна затворска казна и ќе биде сместен во затвор со максимална безбедност во Окленд. Тарант би можел од 5 до 10 години да помине во самица.
После масакрот во Крајстчрч, Тарант е уапсен и од тогаш е сместен во специјална установа и се наоѓа под 24-часовен надзор.