Натурализираниот Американец Ахмад Рахмани, главниот осомничен за бомбашките напади во Њујорк и во Њу Џерси, е уапсен по престрелка со американската полиција. Во престрелката, која се случила во Линден во Њу Џерси, се ранети двајца полицајци, откако полицијата добила информации дека осомничениот се наоѓа во гратчето и пука кон автомобили. Од друга страна, претседателскиот кандидат Доналд Трамп упати остри критики за третманот што Рахмани ќе го има по апсењето.
Осомничениот бомбаш исто така беше ранет во престрелката со полицијата, пренесуваат американските медиуми.
– Сега му даваме неверојатна хоспитализација. За него ќе се грижат едни од најдобрите доктори на светот. Ќе биде сместен во најмодерна болничка соба. Познавајќи ја нашата држава, претпоставувам дека ќе има и послуга. На крајот, на суд ќе го брани спектакуларен адвокат – порача Трамп.
Според него, судската постапка против Рахмани ќе трае повеќе години, а неговата казна „нема да биде што беше некогаш”.
Американските медиуми пренесуваат дека Линден се наоѓа во близината на градот Елизабет, во кој пред неколку дена исто така се случи експлозија.
Полицијата претходно соопшти дека верува оти 28-годишниот Рахмани е одговорен за експлозијата на импровизирана бомба на Менхетн, како и за детонацијата во Елизабет.
