Изградбата на двата автопата: Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид повеќе месеци е во прекин.
За првиот автопат трасата во должина од 47 километра е речиси целосно пробиена, но поради ненавремено решени имотно-правни односи работите не можат да се завршат според планираната динамика. Овој проект требаше да заврши во април 2017. На него работеа 800 работници и 300 градежни машини. Досега се асфалтирани речиси 60% од трасата. При последната посета од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, заедно со техничкиот министер Мисајловски пред еден месец, беше најавено дека автопатот ќе биде комплетиран до крајот на годинава односно “неколку месеци пред предвидениот рок”.
Сега новата Влада на Зоран Заев не сака да го потпише анекс-договорот за пролонгирање на работите со кинеските изведувачи.
Кај автопатот Кичево-Охрид проблемот е многу поголем. Имено, таму е утната трасата. На изградбата на оваа делница беа ангажирани 1,200 луѓе од земјата и вкупно 500 градежни машини. Моментно сите се повлечени од терен. Според проектот, ова делница од автопатот „Мајка Тереза” треба биде со должина од 57 км и широчина од 26 метри. Планирани се седум мостови, 22 вијадукти, шест натпатници, 13 потпатници и тунел од 2 км кај Пресека. Овој автопат требаше да биде завршен во почетокот на следната година.
Според најавите, премиерот Зоран Заев наскоро ќе се сретне со кинескиот изведувач „Синхидро” и со другите вклучени фирми од Републиката во проектите за обата автопата, со цел да се најде брзо решение за долгиот застој во работите. Заев ова го најавил при средбата то деновиве ја имал со амбасадорката на НР Кина во Македонија, Лин Лисјен.
Двата автопата се предмет на истрагата „Траекторија” на СЈО
Во врска со изградбата на овие два автопата истрага води и Специјалното јавно обвинителство. Повод е скандалозниот снимен разговор помеѓу Груевски и тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески за провизиите „од жутите”. СЈО уште лани во април влезе во Јавното претпријатие за државни патишта, по што ја покрена истрагата под име „Траекторија” поради сомнеж дека Груевски, Јанакиески, вицепремиерот Владимир Пешевски и поранешниот директор на јавното претпријатие Љупчо Георгиевски, во асфалтната маса на автопатиштата во изградба Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид „стопиле” дури 155 милиони евра!
СЈО треба да докаже како се случи Владата на ВМРО-ДПМНЕ да потпише договор со кинеската фирма „Синхидро” за изградба на делницата Кичево-Охрид по цена од 374 милиона евра – дури 103 милиона повеќе од проценката што за тендерот ја направила Агенцијата за патишта!?
Очекувано беше пробивањето на рокот
Изградбата на автопатот Кичево-Охрид почна во февруари 2014 година со рок за завршување на градежните работи во почетокот на 2018 година. Поради тоа што се работи за исклучително тешка траса, предвидените четири години уште во стартот на проектот предизвикаа негодување кај градежниците. Веќе по една година работа, беше јасно дека ќе дојде до пробивање на рокот.
Според неофицијалните информации кои стручни лица ги искажуваат во јавноста, освен пролонгирањето на неодредено време сега ќе бидат потребни уште многу пари за да се заврши проектот. Пробелмот е во тоа што засега никој не може да прецизира уште колку милиони евра ќе чини. Неофицијално таму прогресот на градежните работи досега е само 35%.
Неделникот „Фокус” деновиве објави дека на трасата почнало да се појавува обрушување на косините поради големиот нагиб, па така работниците се принудени да ги преработуваат со помал нагиб, што одзема време и пари. Постојано се доработува основниот проект. Работници на трасата се соочуваат со голем проблем и при ископувањето на тунелот кај Пресека. Се покажало дека не станува збор за карпа, туку за помек материјал што предизвикувал постојано рушење на изграденото…
„Ова е најголемата инфраструктурна инвестиција во последните 50 години во Македонија. Тоа најдобро зборува за вредноста на овој проект. Толкава инвестиција не е вложена од никого, никогаш и во ниту еден автопат во Република Македонија”, изјави при почнувањето на градежните работи во 2011 тогашниот премиер Никола Груевски.
Како што е познато, парите за автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид беа обезбедени преку кредит од кинеската „Ексим банка”. Изведувач на работите е кинеската компанија „Синохидро корпорејшн лимитед” а, според договорот, 51 % од луѓето што работат на автопатот треба да се од Македонија (односно од градежните компании „Трансмет” и „Гранит”).
Во договорот има и одредба со која се предвидени 10 % од вкупната вредност „за дополнителни непредвидени работи”.
Трасата на новиот автопат Кичево-Охрид е проектирана да почне од Кичево, па преку Подвис, Пресека и Песочани води до Требеништа, а од тука преку Подмоље се поврзува со Охрид. Главен изведувач на градежните работи е кинеската корпорација „Синохидро”, а главен подизведувач на работите на трасата Кичево – Подвис е македонската компанија „Гранит” со вкупна договорена сума од 117.6 милиона евра.
Мал дел од трасата му е доделен и на изведувачот „Трансмет”, во должина од 9 километри.
Проектот со „жутите” му е конкуренција на „Скопје 2014″
Изградбата на автопатиштата, откако беа објавени прислушуваните разговори, отвори сомнежи дека е можно со кинеските партнери во проектот да е договорена висока провизија, со што проектот „Скопје 2014″ за кој постојат сомнежи дека е една од најголемите пералници на пари скроена од Груевски, добива конкуренција во проектот со „жутите”.
Познато е дека Владимир Пешевски, поранешниот вицепремиер за економски прашања во кабинетот на Груевски, и поранешниот министер Миле Јанакиески, во прво време одбивале да го потпишат договорот со кинеската компанија за изградба на патиштата (како што вели Ставрески во една од бомбите). Во 2013 година ВМРО-ДПМНЕ во Собранието предложи закон за задолжување кај кинеската „Ексим банка”, со што изградбата на двете патни делници излезе од регуларните прописи за тендерски работи.
Во споредба со другите земји во регионот, Македонија со трошок поголем од 7 милиони евра за километар патна мрежа гради едни од најскапи патишта. Во Бугарија истата километража чини околу 2 милиони евра, во Србија трошоците се движат до 4,5 милиони евра, а во Хрватска околу 6,6 милиони евра за километар. Сепак, градежните стручњаци предупредуваат дека цената на километар автопат е тешка за споредба и таа зависи, пред сè, од околностите на трасата, дали станува збор за трусно или за карпесто подрачје како што е случајот на дел од трасата на автопатот Кичево-Охрид каде што е неопходно да се градат и тунели.
За споредба, автопатот Демир Капија – Смоквица во должина од 28 км чини 257 милиона евра. Него го градеше грчката фирма „Актор” и тој е речиси пред пуштање во употреба. Таму има два тунела долги по 1.200 метри, шест моста со должина до 100 до 500 метри, шест подпатника и два подпатника. Неговата изградба започна во септември 2013.

„Бомбите” – сведок за договарањето провизија
Во прислушуваните материјали што ги објави СДСМ се слуша како екс-премиерот Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски, Јанакиески договараат која кинеска компанија да ги гради автопатите на исток и на запад. Се слуша и како се договара провизија од 5 % на целата сума (вкупно двата автопата се договорени за сума од 580 милиона евра, минус 10 % учество на Македонија што доведува до провизија од цели 27 милиона!?). За да се замачкаат очите биле поканети да дадат понуди две кинески компании, но од снимениот разговор се заклучува дека веќе однапред бил направен договор и разработена шема со која фирма ќе се склучи договорот.
Во времето кога СДСМ ги објави разговорите, владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли обвинувањата и соопшти дека целиот процес за избор на компанијата за изградба на двете делници се одвивал на највисоко професионално ниво.
Во меѓувреме (поточно лани) на веб-страницата на кинеската компанија сумите за изградба на двата автопата во Македонија беа за околу седум пати пониски од оние што беа јавно соопштени од Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Потоа сумите исчезнаа, а веб-страницата стана недостапна. И сега на веб-страницата нема информации за цените и за проектот.
Груевски и Никола Попоски, министерот за надворешни работи наодите на СЈО ги оквалификуваа како лаги и измислици, тврдејќи дека постапката во која се договарала зделката во 2013 година била одобрена во Собранието кога бил изгласан Закон за реализација на инфраструктурните проекти за изградба на патната делница Миладиновци – Штип и патната делница Кичево – Охрид. Сакајќи да докаже дека зделката е чиста, Попоски се повика и на Законот за ратификација на договорот за економска и техничка соработка во областа на инфраструктурата, помеѓу владата на Македонија и владата на Кина.
Средба на Заев со кинеската амбасадорка во Македонија
Премиерот Зоран Заев деновиве ја прими амбасадорката на НР Кина во Македонија, Лин Лисјен, при што таа му врачила поздравно писмо од кинескиот премиер Ли Кечијанг.
Кинеската амбасадорка Лисјен соопшти дека во новата Влада на РМ официјален Пекинг гледа добар партнер и голем потенцијал за продлабочување на соработката помеѓу двете држави. Реформите што ги презема Владата на Македонија се во насока на политичка и економска стабилизација на државата, поради што Амбасадата на Кина ќе ги охрабри кинеските компании за влегување во економскиот пазар во Македонија.
– Владата е отворена за соработка со кинески компании што сакаат да инвестираат во Македонија и подготвени сме да ги обезбедиме сите потребни услови за тоа. Целта на Владата е да обезбеди нови работни места за граѓаните, повисоки плати, достоинствен животен стандард, а тоа може да се постигне само преку посветена работа на развој на економијата – одоговори премиерот Заев.
На средбата договорено е да се интензивира економската соработка меѓу двете држави, преку нови проекти во рамки на Програмата на Кина, 16 плус 1 за земјите од Централна и Источна Европа, веднаш по решавањето на проблемите во изградбата на двата автопата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, во чијашто изградба учествува Кина.
Тој најави и конкретни иницијативи и од Владата на Македонија за проширување на економската соработка на НР Кина. Премиерот Заев информираше дека веќе се остварени контакти со кинески компании за соработка во областите на енергетиката и градежништвото а најави и проширување на соработката во земјоделството.
Кинеската амбасадорка Лисјен ја поздрави определбата на Владата на Македонија за подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани. Амбасадорката Лисјен соопшти дека НР Кина ја поддржува Македонија во евроинтеграциите.
Премиерот Заев соопшти дека Република Македонија дава целосна поддршка на единствена НР Кина. На средбата е заеднички поздравено традиционалното пријателство меѓу Македонија и Кина и е договорено унапредување на соработката меѓу двете земји во сите сфери од интерес на граѓаните на двете земји.
Промашените косини ќе значат препроектирање и поместување на далекуводи и водоводи
Во доверливиот извештај доставен до Владата стои дека се утврдени бројни проблеми со трасата Кичево-Охрид:
“Нестабилноста на косините е проблем кој континуирано се јавува кај усеците и засеците на повеќе делници. Потребна е дополнителна експропријација која произлегува од ублажување на косините на усеците”, се наведува во доверливиот извештај од надзорот на проектот.
Поради тоа ќе биде потребна и дислокација на надземни и подземни инфраструктурни објекти како далекуводи, телефонски кабли и водоводни инсталации, а понатаму и дислокација на индивидуални станбени и стопански објекти кои се сечат со трасата на автопатот.
Од надзорот утврдиле и „неусогласеност меѓу проектната документација и состојбата на терен”. Поради тоа, била утврдена и потреба од препроектирање и спроведување на правно-административни постапки за изготвување на нови дополнувања на проектите.
Ова може да чини дополнителни десетици милиони во евра.