Во државните карантини приватни клиники нудат тестирање за ковид-19

Кој нема да се тестира – си оди дома. Кој ќе плати тестирање и излезе позитивен – останува во државниот карантин уште 14 денови

Дел од хотелите низ Македонија повеќе од еден месец се претворени во државни карантини каде се сместуваат повратниците од странство. Процедурата е следна: нашинците од странство доаѓаат на граничните премини во Македонија, со организиран превоз се пренесуваат на соодветната локација и таму остануваат 21 ден (првите групи остануваа 14 дена). Потоа, без да бидат тестирани за присуство на коронавирус, тие се испраќаат дома, каде што е предвидено да поминат уште седум дена во домашна изолација.
Според протоколите во Министерството за здравство нема тестирање за оние кои не покажуваат симптоми или не биле во контакт со регистриран заболен. Па така сите оние на кои им изминува периодот во државен карантин, а кои се без симптоми, според протоколите на Комисијата за заразни болести нема потреба да се тестираат, со оглед на тоа што се физички раздвоени и се сите во посебни простории. Оние кои ќе појават симптоми во тек на престојот задолжително одат на следни протоколи – тестирање со што се утврдува присуство на вирусот.
Сепак, оние кои минале низ државните карантини тврдат дека таму им биле нудено да се тестираат и тоа од приватните лаборатории. Едни одлучуваат да се тестираат, други не со оглед на тоа што ова тестирање се плаќа приватно, не е на товар на Фондот за здравствено осигурување.
Се покажало дека кај некои од тестираните тестовите се позитивни, иако немаат симптоми, и на нив престојот во карантинот им е продолжен, додека другите го напуштаат карантинот без да направат тест за присуство на ковид-19.Токму тука се јавува проблемот. Нетестираните си одат дома, а по седум дена се шетаат по паркови, аптеки, маркети… и претставуваат опасност од ширење зараза.
Марлон Симоновски, кој конечно го напушти државниот карантин во хотелот “Ибис”, за “Слободен печат” вели дека откако тестот за коронавирус покажал дека е позитивен, иако немал никакви симптоми, бил задржан во хотелот и по завршувањето на 14-те дена за кој потпишал изјава дека ќе биде во карантин. А, за разлика од него, дома по првите две недели бил пуштен неговиот цимер, со кој бил заедно во соба, а кој не сакал да се тестира на свој трошок.
– Има голема нејаснотија околу начинот на тестирање. Не разбирам како може цимерот со кој две недели ја делев истата соба и тоалет, заедно јадевме, буквално го дишевме истиот воздух, да го пуштат дома, а мене да ме задржат само затоа што јас решив да си платам и приватно да се тестирам. Или нека не тестираат сите, или никого, ако веќе сметаат дека не треба. Ова е само половична заштита – вели Симоновски.

Останати вести