„Тиквешкиот гроздобер“ собра 65.000 посетители

На годинашната тридневна манифестација “Тиквешки гроздобер” се регистрирани рекордни 65 илјади посетители а беа испиени 25 илјади литри вино, соопшти на прес-конференција градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев.

– Се обидуваме со сите сили да работиме напорно и да постигнуваме резултати во сите сфери на општеството. На мое огромно задоволство, од година во година манифестацијата е се подобра и попосетена. Безбедноста на сите беше на високо ниво, немаше ниту еден инцидент. Се славеше, се наздравуваше со чаша вино. Кавадарци се движи кон европските стандарди за организирање на манифестации, нагласи градоначалникот Јанчев, изразувајќи благодарност до сите поддржувачи на настанот.
Во карневалското дефиле, кое го проследија гости од земјата и странство, учествуваа 41 група од државата и надвор од неа. На манифестацијата продефилираа над илјада учесници, со што продолжува вековната традиција во најголемиот лозаро-винарски регион во земјата. Гости имаше и од соседна Грција, а можеа да се видат маски кои ја одразуваат традицијата на лозаровинарство, претстави на водата и сушата, но и многу други кои го привлекоа вниманието на различни генерации.
Традиционално босоноги млади девојки го газеа грозјето од кое ќе се прави вино и ракија.
винските кралица и крал, министерот за земјоделство Трајан Димковски, градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев и други гости, симболично откинааа гроздови, кои завршија во големиот сад со грозје, под нозете на девојките.
Во текот на целата манифестација се дегустираше извонредно тиквешко грозје и се наздравуваше со висококвалитетни вина и ракии.
Во саботата концерт во Кавадарци одржа хрватската поп-пејачка Јелена Розга а во неделата настапи Здравко Чолиќ.

Останати вести