Припадници на антитерористичката единица на австралиската полиција во сиднејското предградие Бенкстаун упасија двајца тинејџери, осомничени за терористички активности.
Двете 16-годишни момчиња се уапсени во близина на џамија под обвинение дека планирале напад инспириран од „Исламска држава”.
Кај тинејџерите биле пронајдени ножеви при приведувањето во сиднејското предградие Бенкстаун, соопшти полицијата.
Полицијата пронашла и верска белешка во која двете момчиња се заколнале на верност кон радикалната организација „Исламска држава”. Се смета дека подготвувале напад кој требало да се изврши во блиско време.
Ако бидат прогласени за виновни од судот, тие може да бидат осудени на доживотен затвор за планирање на терористички напад.
За адолесцентите се покренати и обвинувања за припаѓање на терористичка организација.
Австралиската полиција соопшти дека двајцата тинејџери се познати уште пред приведувањето. Според локалните медиуми едниот е син на човек кој е во затвор за тероризам.
Во септември 22-годишен маж од Сиднеј, инспириран од ИД, избоде со нож постар човек, а потоа се обиде да нападне полицаец во предградието на Сиднеј, Минто.
Претходно истиот месец ИД ги повика своите приврзаници да вршат самостојни напади во Австралија.