Нема притвор за никој од „Титаник”

Адвокатите на Јанкулоска и Јанакиески тврдат дека во Македонија премногу лесно и често се определува притвор, повикувајќи се на повеќегодишните критики од меѓународната заедница и Европскиот суд за човекови права!? Судиите, пак, сметаат дека доколку имале намера, осомничените досега веќе можеле да ги уништат доказите!?

Кривичниот совет составен од тројца судии на Кривичниот суд во Скопје ги одби жалбите на Специјалното јавно обвинителство, кои беа поднесени откако двајцата судии на претходна постапка (нов термин за поранешните истражни судии) ги отфрли сите 9 барањата за мерка притвор против осомничените во случајот “Титаник” (манипулации за локалните избори 2013 година). Меѓу осомничените се поранешните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, потоа генералнито секретар на Владата Кирил Божиновски, градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко , како и четворица судии од Управниот суд и четворица членови на тогашната ДИК (тројца од нив се и сегашни членови).
Во соопштението од судот, пишува оти жалбите се одбиваат како неосновани. Потврдени се само мерките на претпазливост кон Едмонд Темелко и Исмет Гури, првиот секоја недела да се јавува во ресенскиот суд а вториот има забрана за комуникација со одредени лица.
Со оваа одлука судот одлучи да бидат на слобода сите осомничени за кои специјалното обвинителство стравуваше дека може да влијаат врз сведоци или врз постапката.
Сега, специјалните обвинители имаат право повторно да побараат притвор за осомничените кога ќе соберат нови докази,а во меѓувреме, најавија дека продолжува со истрагата.
Кривичниот совет ги објави одлуките зошто смета дека судиите на претходна постапка правилно одредиле дека нема услови за определување притвор за осомничените. Еве го заклучокот:
“Советот смета дека судијата на претходна постапка при овој суд правилно постапил кога утврдил дека не постои основ за определување на мерката притвор предвиден во чл.165 ст.1 т.2 од ЗКП, односно не постои оправдан страв дека обвинетите ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и не постојат особени околности кои укажуваат дека ќе ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоците и соучесниците, поради што и предлогот на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите од 13.02.2016 година го одбил како неоснован.
Имено, по наоѓање на Кривичниот совет, судијата на претходна постапка правилно утврдил дека доколку обвинетиот имал намера да ги уништи трагите и материјалните докази во врска со кривичните дела, истото можел да го стори изминатиот период, бидејки обвинетите за истиот кривично правен настан биле запознаени со поднесувањето на кривичните пријави против нив, а за кое нешто е видно од списите на предметот, односно од записниците на ОЈО Скопје од 27.08.2015 и 31.08.2015 година, кога обвинетите биле испитани во својство на обвинети, а од кој што датум поминат е подолг период. Овој Советот смета дека во конкретниот случај обвинетите не преземале ниту едно конкретно дејствие во насока на криење и уништување на кривичните дела или влијание врз сведоците и соучесниците. За одредувањето на притвор по овој основ од оваа точка не е доволно да се истакне само апстрактна можност на влијание врз сведоците или соучесниците, туку е потребно да се наведат конкретни особени околности кои го потврдуваат постоењето на оваа опасност, а такво нешто не е сторено со доставениот предлог.”
Јанкулоска и Јанакиески имаат ист адвокатски тим составен од седум бранители, шестмина од Скопје: Никола Додевски, Боро Тасевски, Сања Алексиќ, Ружица Николовска, Петар Василев и Лилјана Василева Бундалевска како и адвокатот Љупчо К.Наумовски од Охрид.

Според СЈО Јанкулоска се заканувала на сведоци и уништила докази

Во записникот од јавната расправа во Кривичниот суд по жалбите за определување на притвор стои дека учествувале седумтемина адвокати и тројца обвинители од СЈО.
“Јавниот обвинител Фатиме Фетаи од СЈО наведе дека на судијата на претходна постапка му бил приложен доказ од кој произлегува опасноста од попречување на кривичната постапка од страна на осомничената Гордана Јанкулоска, меѓутоа овој доказ судијата на претходна постапка воопшто не се потрудил да го аналзира. Имено, од страна на осомничената е направен обид да се врши влијание врз еден од соучесниците во предметниот настан и тоа не еднаш туку повеќе пати. Конкретно, преку друг осомничен во оваа постапка и преку друго лице на еден од соучесниците било упатено директно барање да друга осомничена во постапката се воздржи од било каков инкриминирачки исказ против осомничената Г.Ј. се до 24-ти април, како датум на кој што би биле одржани избори и на кој што би победила владејачката партија ВМРО-ДПНЕ, при што после тој датум тие лица кои не би биле на страна на осомничната Г.Ј. би се третирале како предавници, во спротивно истите би биле херои. Од страна на осомничената Г.Ј. посредно бил вршен притисок и психичко малтретирање на соучесниците, со директно барање вистината за предметниот настан опишан во наредбата за спроведување истражна постапка да не биде кажано.
Обвинителката Лиле Стефанова од СЈО навела дека исто така, Г.Ј. додека била министер направила обид за уништување на трагите на кривичните дела кои и се ставаат на товар, на начин што потпишала одлука за уништување на предмети, со пописна комисија во управните служби во Скопје, а која наредба требало да ја спроведе осомничената Ј.Г., и истата ја спровела. Наведениот доказ се наоѓа во списите на предметот кој што го имал на увид и судијата на претходна постапка.”
Бранителите, пак, тврделе дека во предистражна постапка не може да се зборува за статус на сведок, па оттаму не може ниту да се зброува за влијаење врз сведоци. Тие приговараат и на процедурални работи во предметот “Титаник”.

Темелко законито приведен, ама нема притвор оти е функционер во друга држава

Тричлениот совет на Кривичниот суд заклучил дека приведувањето на Едмонд Темелко со лишување од слобода било законито. Потврдена е мерката за претпазливост – секоја среда во 10 часот да се јавува во Ресенскиот суд. Одбивањето да му се определи притвор е образложено со следното:
“Точно е дека обвинетиот Е.Т. има двојно државјанство, и тоа државјанство на РМ и РА, како и тоа дека истиот постојано патува во Пустец, РА. Меѓутоа, по наоѓање на Кривичниот совет, во конкретниот случај не постои оправдан страв од бегство на обвинетиот, ако се има во предвид фактот дека неговото патување на територијата на Албанија е поврзано со вршењето на неговата функцијата градоначалник на Пустец, а кое нешто упатува на фактот дека напуштањето на територијата на Р Македонија на обвинетиот не е со намера да бега и да се крие. Советот посебно во предвид ги имаше и фактот дека потесното семејство на обвинетиот како и обвинетиот имаат постојано место на живеење на територијата на РМ, односно во градот Ресен, кое нешто се утврди од приложените докази во списите на предметот.
Исто така Советот цени дека во конкретниот случај не постои ниту основот од чл.165 ст.1 т.3 од ЗКП, или како што е наведено во предлогот за определување мерка притвор дека постои основан страв дека обвинетиот ќе продолжи со истите кривични активности, пред се имајќи го предвид својството на обвинетиот дадено во предлогот за определување мерка притвор, а тоа е дека е претседател на политичка партија во РА.”

“ЛИВЧЕ НЕКА СНЕМА” НАВИСТИНА СЕ СЛУЧИЛО ВО СТРУМИЦА

Според СЈО, истражителите работат на вкупно 10 предмети во врска со изборни манипулации и повреда на човековите права, поттикнати од индиции добиени од прислушуваните разговори. Според најавите, следен случај во процедура би можел да биде за изборни манипулации во Струмица, според кажаното во разговори помеѓу Гордана Јанкулоска и пратеникот Славе Гошев. Се работи за познатата сугестија “ливче нека снема” за да може да се бара прегласување и да му се оспори победата на градоначалникот Зоран Заев. Имено, генералниот секретар Кирил Божиновски навистина поднел приговор до ДИК, односно ВМРО-ДПМНЕ барало да се поништи гласањето на избирачкото место 1.727, бидејќи во гласачките кутии имало токму – едно ливче помалку од бројот на лицата што гласале, соопшти БИРН.

Останати вести