Борбените авиони на НАТО фрлаа бомби и проектили во Јадранско Море, и не само во специјални области, туку и во близина на брегот. Ова е најново шокантно откритие што го вознемири балканскиот регион.
Според „Јутарњи.хр”, тоа резултираше со создавање висока концентрација на токсични хемикалии, и со оглед на морските струи, ова е мобилен арсенал на смртта.
Италијански новинар Џани Ланес тврди дека НАТО и италијанските власти лажат кога велат дека постојат шест посебни зони обележани во Јадранско Море, каде што воените авиони кои се враќаа од борбените дејства се ослободуваа од бомбите и проектилите кои не ги искористиле во текот на мисијата. Според информациите кои ги добил за време на истрагата, постојат 24 такви зони, и тие не се лоцирани само во меѓународните, туку и во рамките на територијалните води и на италијанската и хрватската страна, јавува „Глас Истре”.
Областите за воен отпад се протегаат од Трст, или северниот дел на Јадранско Море, кон југ на Санта Марија ди Леуча, град пред Отранска Врата.
„Во долниот дел од брегот на Пескара, на околу педесет милји од брегот на Истра, има огромен арсенал на бомби од времето на Втората светска војна и воената мисија на НАТО во 1999 година, при бомбардирањето на Србија. Концентрацијата на иперит гас, фосфор и други токсични хемикалии е застрашувачка, а бомбите се изложени на морските струи, така што тоа е подвижен арсенал на смртта”.
„Во последниве години е забележана масовна смртност кај желки и делфини по должината на италијанскиот брег, и италијанската државна агенција ‘ИЦРАМ’, која го следи овој феномен, вели дека телата на мртвите животни биле покриени со изгореници и длабоки рани”, изјави Ланес, кој наскоро ќе објави книга во која, според него, ќе открие застрашувачки детали за голем број случаи на рак кај деца.
(Агенции)