Неговите собираат шишиња за да преживеат, а Томе стигна до светски натпревар по астрономија

Сакал да се запише да студира математика во Скопје, но семејството нема пари да го прати во главниот град.

Затоа се запишал на Факултетот за информатика и компјутерско инженерство во Битола. Освоил многу награди надвор од Македонија, а додека да почне академската година сака да волонтира на “Манаки”. 

Родителите, освен што живеат во туѓа куќа и во лоши услови, позајмиле пари за да го запишат, а во меѓувреме собираат пластички шишиња за да имаат пари за основна егзистенција.

Неговото семејство по транзицијата се соочи со финансиска криза. Преживуваат од собирање пластични шишиња. Но, слабата материјална состојба не го спречи Томе Kиријази (18) да напредува во учењето. Од прво одделение основно училиште до четврта година средно не добил помала оценка од петка. Годинава матурира како првенец на генерацијата во техничкото училиште „Ѓорги Наумов” во Битола. Неговата приказна ја пренесе “Дневник”.

Во средината е познат како многу талентиран математичар и физичар со солидни познавања по астрономија. Покрај честите присуства на регионални и државни натпревари по математика, каде што освојувал и награди, летово ново искуство за него беше учеството на Светскиот натпревар по астрономија и астрофизика во Сучава, Романија.

– До 11 август бев дел од огромен тим со двесте млади таленти по астрономија од 32 држави од светот. Местото си го обезбедив бидејќи бев меѓу првите пет победници на натпреварот по астрономија во Македонија. Во Романија имавме тест со решавање задачи, теоретски дел, практичен дел како обработка на податоци од астрономија, набљудување со телескоп и дел од планетариум – вели младиот и талентиран Kиријази.

Природните науки ги носи во малото прсте. Вели дека никогаш дома не бубал за да научи, туку она што ќе го слушнел на школо го запаметувал. Доволни му се неколку секунди да ги разгледа податоците запишани на лист хартија, а потоа без грешка да ги интерпретира. Љубовта кон астрономијата се појавила кога тргнал во средно училиште и кога професорката по физика го вклучила во натпреварите. За жал, во Романија не се пласирал меѓу победниците поради големата конкуренција.

– За натпреварот сами се подготвуваме дома од интернет и од книги што ни ги даде професорката. Во Битола нема многу услови за да напредуваш во астрономијата, немаме опрема, телескопи. Во Романија имавме можност да се запознаеме со напредна опрема и да научиме повеќе од другите учесници – додава Kиријази.

Сметувањето во Романија му било платено, но патувањето и престојот на младиот Томче таму го помогнала општинската организација на Црвениот крст од Битола.

– Црвениот крст ни помага, го облече за матурата и му дадоа пари за Романија, 250 евра. Му останаа 50 евра и следниот ден ги вративме. Благодарение на Црвениот крст и на Фаланга од Австралија имаме интернет и лаптоп дома. Инаку, имаме три деца, јас сум домаќинка, мажот ми работеше во фабрика, но таа отиде во стечај. Едно време земавме социјална помош, но ни ја укинаа. Сега моментално собираме шишиња и големата ќерка работи – раскажува мајката Зорка Kиријази.

Таа се жртвувала за да ги прехрани и школува децата.

– Предвреме ќе ги прашав што им треба за училиште зашто финансиски сме слаби, да не им недостига тетратка или некој прибор, па да се чувствуваат инфериорно. Ако требаше јас немаше да јадам дента, за нив да има храна за на училиште. Од книжарницата, ако требаше, ќе позајмев прибор – додава пожртвуваната мајка.

Нејзиниот труд се исплати зашто синот од средношколските води исплива со диплома за најдобар ученик, а за еден месец ќе биде бруцош на новиот Факултет за информатички и компјутерски технологии во Битола.

Желбата на неговите родители е Томе да го заврши факултетот, да магистрира и да се вработи. Зорка вели дека децата се нејзиното најголемо богатство и дека тие се на прво место за што и да се работи, но се што прават за нив не им е тешко иако поминувале низ кризни периоди во животот.

– Сите мои три деца слушаат се што ќе им кажеме, да не тргнат по лош пат, вели Зорка.

На заминување мајка му додава дека Томче сакал да волонтира на фестивалот „Браќа Манаки”.

Останати вести