Иван Поповски во топ 5 режисери во Русија

СПИСАНИЕТО ЗА МАЖИ „GQ” СО РАНГ ЛИСТА
Руското издание на светски реномираното списание за мажи “Џи-кју” го номинираше македонскиот режисер Иван Поповски за режисер на годината.

Поповски, кој повеќе од две децении работи во Русија и е омилен на руската публика и критика, деновиве во Москва е актуелен со две номинации: за најдобра претстава и за режисер (за последниот проект “Сон на летната ноќ”, кој го постави лани во својот матичен театар, “Работилницата на Пјотр Фоменко”).
Меѓу петтемина режисери што се номинирани, тројца се филмски и телевизиски режисери, а Поповски е единствен театарски режисер.
На листата е и Кирил Серебреников, режисерот на филмот “Предавство”, во кој главната улога ја играше македонскиот актер Дејан Лилиќ и премиерно беше прикажан во Венеција. Останатите имиња се Сергеј Нурмамед, Василиј Сигарев и Борис Хлебников.
Списанието, чиј просечен месечен тираж е 800.000 примероци, на 1 јули ја објави листата за гласање за титулата маж на годината во Русија, а има и категории за најдобра претстава, режисер, најпопуларни лица, писател, новинар, музичар, бизнисмен, спортист.
Поповски за своите претстави, кои руската критика ги оценува како спектакли, ги има добиено престижните награди како “Кристален турандот”, “Музичкото срце на Русија” ,”Златен витез”, како и медалот “Пушкин”.
Во Македонскиот народен театар, на крајот од минатата година, Поповски ја постави “Мајсторот и Маргарита” од рускиот автор Михаил Булгаков, претстава за која се бара билет повеќе.

Останати вести