СПОРЕД БРИТАНСКИОТ МАГАЗИН WANDERLUST:
Република Македонија е прворангирана како туристичка дестинација во светот која треба да се посети во 2016 година.
Земјата се најде на првото место на листата “Топ нови дестинации” на престижниот британски магазин наменет за патувања, The Wanderlust Travel Magazine.
Преку истражување и анкетирање од страна на своите читатели, магазинот открива кoја земја е врвна туристичка дестинација во светот, која земја вреди да се посети, каде е најубав меѓународниот аеродром, која авиокомпанија е најдобра? Ова го открива The Wanderlust Travel Awards 2016.
Во коментарот посветен на Македонија стои: „Балканот брзo станува најжешка дестинација која мора да се посети во Европа: Минатата година тоа беше Црна Гора, а годинава нашите остроумни читатели се воодушевени од езерата, планините и манастирите во Македонија. А дали ги спомнавме виното, волците (!?) и убавите пејсажи?”
Според рангирањето од патниците, зад Македонија се Боливија, Гренлад, Монголија и Иран.
Во изминатите години, препораките да се посети Македонија се најдоа во многу специјализирани и светски познати магазини, списанија и ТВ куќи. Сите тие ја препорачуваа Македонија како следна дестинација за посета.
Една од последните репортажи е онаа на Еуроњуз каде, со помош на дрон, се прикажани убавините на кањонот Матка. Македонија се најде и на CNN. На интернет-страницата на телевизијата беше поставен профил на РМ, која е опишана како „мала планинска земја”, идеална за излети во природа.
Што гуглаат странците за Македонија?
Цените на проститутките во Бугарија, Украина и Австрија се најпребарувани на Гугл. Луѓето најмногу ги интересира цената на кафето во Хрватска, а, пак, за Македонија странците најмногу се заинтересирани колку чини лебот
Гугл знае сè. Има одговор на сите наши прашања, па дури и на оние што ни е незгодно да ги поставиме сами. Токму со помош на функцијата „аутокомплит”, односно функција за завршување на речениците, порталот fixr.com, кој се занимава со проценка на цените, откри што луѓето најмногу пребаруваат кога се интересираат за цените во различни делови од светот.
Истражувањето е спроведено на англиски јазик што е показател како странците ја гледаат Македонија и што најмногу ги интересира.
Прво прашање на кое сакаат да добијат одговор од Гугл е колку чини лебот во земјата!? Очигледно сме познати по вкусниот леб во светот.
Кога е во прашање Мавританија во Африка, луѓето најмногу ги интересира колку чинат робовите во таа држава!?
Што се однесува до остатокот од светот, интересно е дека во поголемиот дел од Јужна Америка најпребарувана е цената на проститутките, во Мексико на липосукцијата, во Чиле на кокаинот. Иако би се очекувало луѓето во Јапонија да се поврзат со технологијата, најмногу ги интересира колку таму чини лубеницата.
За Иран се пребарува цената на човечки бубрег, за Обединетите Арапски Емирати цената на „ферари”.
Кога се во прашање африканските држави, најмногу се пребаруваат цените на горивото и на нафтата, а во Австралија најмногу се пребарува цената на вештачкото оплодување.
Луѓето најмногу ги интересира колку чини летот со „МиГ” во Русија, кроасанот во Франција, „бмв” во Германија, “ролекс” во Швајцарија…